Потребно време за читање: 4 минути

54.

Ни Ристо од Петар не може да си објасни зошто почувствува потреба и успеа да организира случајно, а намерно да се сретнат тој, Јасна од Спасе, Вера од Јане и Калина. Особено не со Калина која тој ја таеше од Јасна и Вера до отворањето на изложбата, а ја таи сè уште. Со намера конечно да им ја открие? И да и не. Се сомневаше дека ќе успее, но прилично се изненади колку беше лесно и релативно брзо, по само две договарања: првото дека е добро да се сретнат, тоа може да биде важно за секој посебно и за сите заедно, а второто зашто не е добро да останат прашања и недоумици што се јавија меѓу нив во меѓувреме.

Јасна од Спасе најпрвин одби средба со Ристо од Петар потсетувајќи го на она што му го кажа при средбата во Плет, тој дамна мртов, таа со нарушено здравје, а тој категорично не го прифати: иако не сретнала, ниту сака да сретне некого со кого да почне нов живот, нивниот договор во заедничка смрт да продолжи нивната љубов не важи. Не ѝ поверува ни дека ѝ е доволно што во секое нејзино вајарско дело се заедно, па таа така ќе продолжи. Дека умре, па затоа ја побара? Не. Веќе беше со неа мртва, гола, извајана од мермер.

Ја изненади кога ѝ рече дека сака заедничка средба со Вера од Јане и со неговата таена љубов-конечно да ѝ ја открие. Само му се насмевна кога ја потсети дека и како живи и откога е тој мртов како жив, а таа сега мртва го поттикнувала да најде љубов таена, само негова; која никому нема да му ја открие. Му одговори дека се радува што конечно има таква, но не ѝ е јасно зошто сега сака да ја открие. Прифаќа да се сретнат баш за да го дознае тоа.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Вера од Јане се израдува дека по многу долго време, по речиси две децении ќе се сретне со нејзината некогаш најдобра, најдрага и неразделна пријателка Јасна. Го праша дали ќе се сретне со неа како мртва или мртва како жива. Се израдува кога тој одговори дека е сега иста како него; значи, и на таа средба и кога било потоа ќе биде мртва како жива секогаш кога ќе посака, кога ќе треба и кога тоа ќе биде нужно за што-годе. Со радост се присети на нејзината необично несебична помош да ја заискри, а потоа стори многу да се разгори љубовта меѓу неа и Ристо од Петар. Го потсети на нивниот престој во Борина, соседна Иселија, на намерното откажување на Јасна да го придружува инсистирајќи да го придружува таа. Ја задржа рамнодушноста спрема него (како мртва?) кога се наврати на интимната вечера со свеќи, музиката, танцувањето и потоа страсниот секс во хотелската соба; детално испланирани од неа. Го премолче и времето на нивната љубов сè до нејзиниот последен претсмртен час, а и нејзиното сегашно сведување како мртви на обичен, рутински секс одвреме-навреме.

Вера од Јане не покажа некаков посебен интерес за запознавање со Калина, таената љубов на Ристо од Петар. Само му даде на знаење дека од неа не успеал сосема да ја одржи во тајност зашто откога е мртва и одвреме-навреме се среќава со него крај неговиот гроб на неколку наврати ја забележала како доаѓа, остава црвена роза и пали свеќа. Остана без каков било коментар кога тој ѝ кажа дека имала мошне активна и интересна улога во перформансот и уметничката инсталација, односно на отворањето на неговата изложба. Ја сочува збунетоста од нејзините глумења на одредени ликови од пиеси на Шекспир; не наоѓаше никаква врска со неговата лична непорочна љубов како стожерна и завршна, насликана на неговите невидливи слики. Се воздржа да го искаже сомнежот дека е токму таа таа. Реши одговорот да го побара од неа на самата средба.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар мораше прилично да се потруди за да ја убеди Калина дека нивната љубов веќе нема потреба да биде таена. Заедничката средба со Јасна и Вера е нужна за одговори на низа прашања и дилеми непосредно и посредно поврзани со љубовта воопшто, на живите и мртвите, на живите со мртвите и меѓу мртвите како живи од една, а од друга страна тој да ги подготви заедно со други мртви и мртви како живи за последното патување во просторите и времето на една непорочна љубов за сите; по кое таа секако ќе им стане тоа на сите. Калина не разбра што значи тоа, но не го праша. Се противеше на средбата зашто ниту ги познава, ниту ги знае, ниту сака да ги запознае Јасна и Вера. Ништо не ѝ значи дека тие биле негови љубови додека бил жив и дека мртов како жив одвреме-навреме уште сексуално општи со нив. Му даде на знаење дека за неа е единствено важно тоа што нивната љубов е единствена и непорочна. Ѝ дава посебна сила и енергија како почеток и траење, како и дека звршува сè погорешто, дури со сè понеконтролирана, напати избезумувачка сексуална страст. Сеедно дали се случува под ведро небо, во нивното љубовно гнездо-неговиот еднособен стан и сликарско ателје на последниот кат на најстариот облакодер во Страдец, или како обајцата мртви како живи во љубовното гнездо што го свија во најтемниот и за никој од ближните мртви догледлив агол на гробницата-кораб.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар не успеа да ја убеди Калина дека е можна средба на двете негови љубови мртви и неа уште жива. Го прифатила него и жив и мртов како жив само благодарение на невидливите слики; како видлив со чувствување, особено со допир. Самиот тој ѝ докажуваше дека мртвите се мртви, а се ретки таквите како него. Тоа не е некаква божествена дарба, туку пред сè продолжение на животворноста на нескротлива творечка енергија. Го потсети на неговите зборови во врска со смртта како крај, имено дека смртта не е крај ни за живите ни за мртвите сè додека има смисла животот како траење со и во беспоговорно дело.

Најсетне прифати рамнодушно.

Ристо од Петар беше многу задоволен. Дури радосен. Средбата ја закажа по два дена во кафулето „Ематија“, во непосредна близина на галеријата „Лично и единствено“.

За утре закажа разделба со синот Јане и снаата Борјана, пред нивното иселување од речиси ссосем запустениот Страдец.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here