Потребно време за читање: 5 минути

55.

Син ми Јане, веќе на педесет и седумгодини, совреме ме подготви за нашата разделба, за неговото заминување од Страдец заедно со Борјана од Димитар. Совреме ми најави пред некое време. Се сеќавам, ми одѕвонува во свеста:

„Времево не е ни за живи ни за мртви зашто ни минува брзо, во деноноќна брзаница…Да, и од ноќта кратиме. Во неа сме сè повеќе будни и сè помалку на број ни се спокојните соништа…Стресен живот сè пократок, со многу болештини, нетрпеливости, егоизам, лицемерие. А уште пострашно, па и пожално и потрагично е што за сметка на сегашново време го губиме, дури се откажуваме од идното. Минатото, пак, ни го бришат туѓини и изроди на власт или сами се откажуваме од него поразени од минливоста, безначајноста и празнотијата“.

Син ми Јане и снаата Борјана од Димнитар, педесет и едногодишна, веќе помирени дека остануваат без рожба, така им било пишано, до вчера што се вели работеа во една мала консултантска фирма за бизнис менаџмент (шестмина вработени, со стопанот седуммина). Работата не им одеше никако, стопанот со години се обидуваше да се одржи на пазарот строго придржувајќи се на основните принципи на независност односно „чист професионализам“, па фирмата конечно пропадна, се затвори. Обајцата останаа без работа, без обезбедена макар гола егзистенција. Јас ги помагав некое време, издвојував за нив колку што можев од сиромашниот леб уметнички, сликарски, но состојбата од ден на ден им стануваше сè полоша. Конечно се решија и тие да го напуштат Страдец, да се иселат, да заминат во „развиениот западен свет“. (Велам во наводници зашто сметам дека тој воопшто не е развиен со оглед на деструктивноста, декадентноста, тоталното обезвреднување на индивидуалниот живот.) Впрочем, како многумина млади и возрасни во последниве години, особено млади, по очевидното забрзано сестрано пропаѓање, празнење и запустување.

Без оглед на сè, а пред сè на тоа дека пропаѓањето, празнењето и запустувањето не му се случува само на Страдец, туку на сите големи и мали градови во држава без народ, каква што стана речиси преку ноќ Завеј, јас и натаму стојам цврсто на ставот дека иселувањето, би рекол бегањето во неизвесност е погубно. Тоа им го споредив со отсечено дрво од свој корен, а коренот му е исушен или изгорен. Животот не смее да биде само прилагодување или рамнодушно прифаќање на секодневјето. Во една нервозна, на моменти лута расправија им забележав дека е неприфатливо тоа помирување, дека мораат и сами и со други да се борат против тоа, да им се спротивстават на туѓините и изродите на власт. Ми одѕвонуваат во свеста зборовите на Борјана од Димитар:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

„Ние лично не можеме којзнае што. Скоро ништо…Не сме власт, а ни не сме за во неа…Голема е работата. Светска. Прекројување на држави, разнебитување на народи…“.

Ја пресеков во збор, а таа само ја наведна главата:

„Јас жив, мртов и мртов како жив можам само едно да кажам: ни сегашно свое ни идно свое време нема без свое минато. Ако се сака животот како незапирлив. Сосе смрт со неизбришливи траги“.

Им докажав дека мислам на заедничкото време, но и на времево што не е ни за живи ни за мртви. Во кое се живее стресно, сè пократко, со многу болештини, нетрпеливости, егоизам, лицемерие. Се согласив со нив дека е пострашно, па и пожално и потрагично тоа што за сметка на сегашново време го губиме, дури се откажуваме од идното. За мртвите тоа е неважно, тие се безвремени, а за живите нема никаква смисла постоење без свое време и свој земјен простор. Споредив со дрво и корен. Додадов дека со таквиот однос, особено на младите кои лесно се откажуваат од ова време како поразени од минливоста, безначајноста и празнотијата, што го изразуваат и со небрежност спрема гробовите на своите предци, се обезличува постоењето и се обезвреднува човечкото во човекот.

Сега ми е жал што просто ѝ се нафрлив на Борјана од Димитар:

„Борјана, ќерко моја, запомни дека животот не смее да биде само прилагодување или рамнодушно прифаќање на секодневјето. Секој жив мора дури е жив да е подготвен да се бори, да им се спротивставува на туѓини и изродите на власт до нивно конечно поразување…Најважно е да сте мобилни и ангажирани. Мора да ја принудите власта да работи за народот и државата, а не да владее користејќи секакви, дури незамисливи привилегии“.

Се согласив дека ова што се случува во последно време, во последниве децении е глобален, светски процес. Особено прекројувањето на држави напоредно со разнебитување на народи. Но, нагласив дека ако се сака животот како незапирлив сосе смрт со неизбришливи траги, мора да се брани и сегашно и идно свое време со свое минато. Со празни гробови и животот и смртта се изгубени во неврат.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Еве го денот на нивното заминување, на нашата последна разделба. Седиме во патничката сала на аеродромот „Небесен лет“ чекајќи го времето за полетување на авионот со кој ќе одлетаат кон Северна Ѕвезденија и ќе заживеат во малото гратче Год.

Јас, Ристо од Петар:

-Веќе не знам што да ви кажам последно…Да, Страдец пропаѓа, гасне, се празни, се запустува. И сè близу и далеку од него што е остаток од дамнешната Ематија…И јас гледам и согледувам дека скоро ќе исчезне, ќе се претопи, ќе потоне во некој од од поголемите соседни…со она што ќе остане од разнебитениов народ…Да можам и јас би заминал со вас. Ама не можам. Вакви како мене, пред умирање и умрени како живи не ги сака никој.

Борјана од Димитар повторува многупати кажано:

-Не заминуваме засекогаш…Ќе се вратиме еден ден.

Јас помирливо:

-Немој, Борјана, пак исто, како сите…Каде ќе се вратите ако и Градските гробишта ги покријат пластови земја со времиња и невремиња, ако конечно не остане ни камен на камен од гробот на последниот умрен мртов во Страдец?

Син ми Јане:

-И Страдец, како секој милионски град, велеград, ја доживеа и ја доживува истата судбина на сличните како него. Веќе нема на каде да се шири, ја освои сета неплодна и плодна земја. Сега нтензивно расте во висина, сè повисоко и повисоко, кон небото. Парадоксално е што од една страна разви густ сообраќај и мрежа од улици и булевари, изгради зданија и терени за секидневен богат и разновиден живот, а живот никаков, пред гаснење…Се согласувам со тебе, татко мој, дека клучна е стресната динамика на потрошувачкото општество, со толпа во која е исчезната индивидуалноста и сè придружено со изгубена смисла и значење на семејното живеење и добрососедство.

Јас, Ристо од Петар:

-Така е, но кога е збор за Страдец имај го на ум неговото делење на десет мошне автономни општини кои се немоќни да се одржат како такви пред сè поради ограничените ресурси.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Борјана од Димитар:

-Ти, татко, често ја нагласуваш и бесперспективната, погубната етничка монолитност.

Јас:

-Сè ми се чини дека во светот се случува своевиедно враќање односно продолжување на дамнешни времиња денес, во времето на градови-држави како независни или автономни ентитети. Како што биле месопотамските Вавилон, Ур, феникиските Тир, Сидон, полисите Атина, Спарта, Теба, Коринт, Римската република, градовите на Маите Чичен Ица, Ел Мирадор, многу европски во деветнаесетиот век, а од современите Монако, Сингапур, Хонгконг…

Борјана од Димитар:

-Ама не етнички монолитни…Да го оставиме тоа. Страдец пропаѓа, гасне, се празни, се запустува и мислам дека скоро ќе умре, ќе исчезне…Ме интересира дали остануваш на ставот дека смртта не е крај ни за живите ни за мртвите сè додека има смисла животот како траење со и во беспоговорно дело?

Јас, Ристо од Петар:

-Се разбира! А непорочната љубов е таа што помага да бидеме заедно и живи и мртви и да има смисла тоа како траење со и во беспоговорно дело. Непорочна љубов една за сите ближни и далечни. Но, откако фактички и симболично ќе запловиме кон нови постранства и времиња.

Борјана воздивнува длабоко, како да се колеба, па продолжува:

-Прости, но јас мислам дека станува збор за твоја состојба на самост, рамнодушност на обичен смртник кој се гледа себеси како поразен со дело неважно за народот, за одбрана на неговата самобитност. Често ја нарекуваш меѓу молк и тишина, мислејќи на меѓу паметење и заборав по живот и смрт. Затоа и твојата лична непорочна љубов ја ставаш во преден план.

Јас збунет и подналутен:

-Што сакаш да кажеш?!

Борјана од Димитар:

-Тоа што го кажав. Мислам дека бев јасна и прецизна. Со тоа што на твоите видливи и невидливи платна ги наслика твоите три говори-на телото, на душата и срцето и на свесноста, ти всушност го дефинира и му го покажа на светот во пропаѓање, гаснење, запустување и умирање индивидуалниот опстанок на човекот наспроти цивилизациската коегзистенција.

Признавам дека ме збуни промислувањето и заклучокот на Борјана. Замолчев. Замолчевме.

Звучниците го најавија полетувањето на нивниот авион. Син ми Јане промрморе невесело:

-Ќе бидеме во контакт.

Му одговорив „Секако!“ и го потупкав по грбот.

Се изгушкавме, се збогувавме, се поздравивме.

Полетаа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here