Потребно време за читање: 6 минути

22.

Со мои блиски и далечни веќе споделив, но со мртви како живи и живи сè уште не ми успеало да споделам промислување за едно според мене мошне важно прашање; може да се назначи и како проблем во врска со живеачката на светот на мртвите и светот на живите: заедништвото. Го наметнува нашево, модерново време, а сум сигурен дека допрва ќе се актуализира сè повеќе. Не мислам на можноста и условеноста, туку на потребноста, па и нужноста, и непотребноста, па и излишноста. Тоа ми го наметнува сè поочигледното оддалечување меѓу блиски и далечни во живиот свет, на земја, во сè поголеми и пошироки заградени, обѕидани простори, едновремено меѓусебно отуѓување од една; а од друга страна, дури принуден соживот и беспоговорно заедништво во мртвиот свет, во сè на сè два метра под земја.

Примери:

Мирон од Никола, четириесет и шестгодишен бизнисмен, сопственик на текстилна компанија, и неговата млада жена Иванка од Војо, дваесет и осумгодишна, сопственик на студио за дизајн на ентериер, засега без рожба, живеат во огромна, раскошна куќа во елитно предградие на Страдец; имаат голема дневна соба, трпезарија и две работни простории на приземје, и три спални соби на спрат; опремени со мебел во модерен стил, во совршена комбинација на бои; имаат голем базен, цветна градина и голема веранда. Нивната семејна гробница е голема колку три стандардни гробови и е во елитен кварт на новите гробишта викани „Живот по смрт“. Засега е празна.

Како што е веќе познато, јас сум погребан во мој, семеен гроб, во старите безимени гробишта на Страдец, на рид во чие подножје се ѕидишта и урнатини на древна населба. Повеќето од гробовите се запустени, што значи дека во нив се поодамна погребани последните, а ближните по нив се иселиле толку далеку што да не можат да идат. Веќе раскажав и кои се засега во него, според редот на умирање. Засега јас со уште шестмина: дедо ми Јоаким од Атанас, баба ми Раска од Гордан, сестра ми Роза, татко ми Петар од Славе, мајка ми Славјанка од Владимир и брат ми Коста. Сите, како што се вели, во два метра под земја! Тесно ни е? Не ни е, ама тоа е неважно. По време од нас останале само коски кои, за оној што не знае, се собираат во вреќа при погребување на нов умрен и се ставаат во некој агол на гробот.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Што споделив со мои блиски и далечни мртви, а со мртви како живи и живи сè уште не ми успеало да споделам? На што мислам конкретно кога промислувам за оддалечувањето меѓу блиски и далечни во живиот свет, на земја, во сè поголеми и пошироки заградени, обѕидани простори, едновремено меѓусебно отуѓување, и дури принуден соживот и беспоговорно заедништво во мртвиот свет, во сè на сè два метра под земја?

Споделив и не ми успева да споделам промислување за враќање на исконската заедничка живеачка на живите и мртвите; едни до други и едни со други. Имено, градовите и гробиштата се блиски, веќе неретко во некои големи градови тие се просто втопени во нив. Бележани се и заградени исто како квартовите и улиците на животот. Дури и опколени од други. Многу гробишта се поголеми од населени места, особено од села. Нужно е да ги спомнам и запустените села кај нас, во кои се живи само мртвите, а се мртви односно угаснати сите огништа во куќите или повеќето се веќе разурнати од ветришта, луњи и други невремиња. Дотолку повеќе што многу гробишта во светот освојуваат сè поголем простор во градовите, за сметка на нивното зголемување, ширење.

Зарем наведеново не е доволно за да почнеме да се прашуваме што треба да се прави сега и што ќе мораме да правиме утре? Или ќе се дозволи смртта и гробиштата да го надживеат животот во градовите, односно да ги згуснат, да ги стиснат, да ги потиснат куќите, зградите и другите живеалишта? Просто: што да се прави или што ќе се прави со гробиштата во кои веќе нема место за нови гробови, а во градовите нема простор, слободна површина за нови гробишта, за мртви на новодојдени, новозаживеани граѓани?

Примерот со мојот гроб е за да актуализира две прашања во врска со старите гробишта и старите гробови: што со оние гробови кои никој не ги посетува, не ги чува, не ги одржува, односно во нив веќе никој нема да биде погребан; и што со оние стари гробишта во градови поради чие ширење „се нашле“ во централното градско подрачје, во центарот, дури во непосредна близина на плоштадот, дури на него?

Не сум изненаден, но не разбирам зошто просто се одбегнуваат наведените прашања. Како да се небитни, како мртвите живи и живите да не сакаат да ги промислуваат; како да не им се за загрижување и воопшто не им го оптоварува животот! А јас и многумина од мои блиски и пријатели мртви сме убедени дека од ден на ден тие стануваат и ќе стануваат сè погорливи.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Што се однесува на заедништвото како живеачка на светот на мртвите и светот на живите, пред сè сè поочигледното оддалечување меѓу блиски и далечни во живиот свет, како и принудениот соживот и беспоговорното заедништво во мртвиот, јас мислам дека тоа е најмногу поврзано со суштественото од него: континуитетот и одбраната на индивидуалниот и колективните идентитети. За ова јас долго промислував и дојдов до според мене непореклив заклучок: одговорните за самобитноста и независноста на народот многу повеќе намерно, свесно, плански, стратегиски одошто од небрежност го обезвреднуваат и обезличуваат светот на мртвите, а за да ја наметнат динамиката и минливоста на светот на живите „сега и овде“. Еве, уште еднаш ги повикувам сите мртви како живи и живи промислувачи на нештата да ги споделиме ова и промислувањата во продолжение.

Се разбира дека знам за решенијата, негде и законски на проблемите што ги наведов во врска со старите гробишта и старите гробови: нивна дислокација и утврден рок до кога гробовите можат да бидат „затворени“ односно во нив веќе никој нема да биде погребан, а по кој им се продаваат на други живи за нив и нивни како мртви.

Јас повикувам на промислување на две „единечни“ соживеачки на мртви со мртви и мртви како живи. Едното е одамна познато и се применува во развиениот свет, со оглед дека е поскапо од погребувањето в земја: кремирањето. Мислам дека кремирањето и чувањето на пепелта на умрениот во урна; некаде во посебен дел на гробиштата, некаде преземање и чување од страна на најближен, а по желба на покојниот таа се истура од висина во голема вода, на плодна почва или му се препушта на ветер да ја одвее, веќе станува масовно. Другото, пак, сè уште претставува исполнета волја на покојниот, всушност привилегија: погребување во кругот односно во дворот на семејната куќа.

Имајте предвид дека јас на сето наведено не гледам оптоварен од кои било религиски убедувања, позиции, верувања, определби. Ниту го поврзувам со продолжувањето на животот по смртта, на животот како смрт и на смртта како живот. Нема врска ни со способноста, мојата и на уште неколкумина кои ги знам, одвреме-навреме и кога ќе посакам како мртов да бидам меѓу живи, да сум жив како нив. Не е баш најпрецизна, но сега, во овој контекст можам да се согласам со споредбата на издвојувањето на душата и телото во мигот на смртта и нејзино продолжување во безвремието. Ова го потенцирам за да докажам дека и коските и пепелта на мртвите се своевидна материјална трага на физичко постоење на дамна или неодамна мртвиот. (Да, и пепелта истурена од висина во голема вода, на плодна почва или одвеана од ветер. Прифатете го тоа и како метафора на трајност на создадено или соградено на умрениот.)

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Мене лично ми е особено интересно и предизвикувачко за промислување погребувањето во кругот, односно во дворот на семејната куќа. Засега сè уште само како исполнета волја на покојниот, всушност привилегија (не дозволена сегде). Зошто не? Не гледам некој поголем проблем, семејниот гроб или семејната гробница обично е издвоен дел од дворот, а погребаниот е или погребаните се секогаш со живите најближни, во секој миг од заедничкиот живот и личното секојдневје.

Има еден проблем што се јавува или би се јавил: што со тој гроб или со таа гробница при оттуѓување односно продажба на семејната куќа, без оглед на издвоеноста, ограденоста? Особено што најчесто има живи кои порано или подоцна ќе им се придружат на мртвиот или мртвите. Според мене, најдобро е и гробот или гробницата да се оттуѓи односно продаде како составен дел на имотот, на семејната куќа. Може и да се извадат посмртните останки и да се пренесат во новото живеалиште, ако е збор за нова семејна куќа, или во заеднички, „народни“ гробишта. Изделеноста од другите мртви, на ближни и далечни, знајни и незнајни е просто невозможна зашто светот на мртвите, за разлика од светот на живите е и безвремен и безграничен.

Почитувани мртви како живи и живи, дали по ова мое кажување и укажување, по ова мое промислување сè уште мислите дека прашањата и сублимното прашање не се проблем во врска со светот, поточно живеачката на светот на мртвите и светот на живите: заедништвото? Повторувам, не како можност и условеност, туку потребност, па и нужност, и непотребност, па и излишност. Не со оглед на сè поочигледното оддалечување меѓу блиски и далечни во живиот свет, на земја, во сè поголеми и пошироки заградени, обѕидани простори, едновремено меѓусебно отуѓување од една; а од друга страна дури принуден соживот и беспоговорно заедништво во мртвиот свет, во сè на сè два метра под земја.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here