Потребно време за читање: < 1 минута

43. Во антикварница

Случајно, значи без намера или цел влегов во антикварница. Не знам, можеби ме привлече затемнетиот излог преполн со секакви дребности и восочни, гипсани и глинени кукли со ралична големина, подвижни и неподвижни.

Иако при моето влегување заѕвоне ѕвончето над вратата, не се појави никој, да ме поздрави, да ме пречека. Се провртев, ми дојде чудно оти помеѓу дребностите има само неколку стари и дебели книги со кожни корици, а вниманието ми го задржа мал песочен часовник меѓу куклите.

Ја чув старицата во црнина, со фурка и вретено в раце, меѓу мали и големи деца поседнати околу неа на триножни столчиња:

„Чеда мои, на сите луѓе им минува времето, кому брзо кому бавно, па со време се забораваат како никогаш да не живееле на овој свет. Најважно е човек да расте, да се извишува сѐ дури снага и ум не му премалат. Кога ќе почне да паѓа, а веќе да не може да станува, станува непожелен, дури никому потребен, дури товар секому.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Човеков што влезе во антикварницава можеби ме слуша, можеби не, но уште не му е времето за меѓу нас. Ај да го натераме да излезе дури има уште свое време“.

Почувствував некоја сила што просто ме туркаше кон вратата. Ме обзедоа секакви гласови, звуци, пискоти и крикови на дребностите и восочните, гипсаните и глинените кукли.

Јурнав надвор, мигум ја претрчав улицата и се свртев. Антикварницата ја немаше! На нејзиното место здогледав голем песочен часовник направен од камен и железо.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here