Потребно време за читање: < 1 минута

71. Тој и тој

Тој и тој беа неразделни до смрт. Дење-ноќе. Тој споделуваше сè со него, а исто и тој со него. Глад и жед, збор и молк, штрек и безгрижност, спокој и немир, сон и јаве. Здравје пред сè. Тој зборуваше, а тој го слушаше како да разбира сè.

На Крстан многу му попушти срцето. Веќе доби два удара. Неговиот матичен лекар го посоветува дека тој најмногу може да му помага. Тоа е докажано.

Се сретнаа случајно, се препознаа како погодени еден за друг. На разминување во празна улица се погледнаа, прво рамнодушно па сè порадосно. Тој го помилува по глава, а тој радосен почна да трча и да скока околу него. Веќе не се разделуваа ни дење ни ноќе.

Пред да се сретнат и да продолжат заедно тој го крпеше животот, денизден, а и тој едвај наоѓаше штогоде за најадување. Тој беше сиромав, дреар во металски комбинат избркан како технолошки вишок. Оставен на просјачки стап. И тој беше уличен, не од избран и негуван сој.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Ведар вистина му помогна и му помагаше на Крстановото срце. Го успокои, не дозволуваше ништо да му го поремети рамномерното чукање. Никому не му дозволуваше да го возбуди, да го изнервира или разгневи. А тој со него никогаш не беше ни гладен ни жеден.

Ги најдоа умрени едно утро во празна улица, истата во која се сретнаа случајно. Беше студено зимско, па е многу веројатно дека измрзнале ноќта. Ги погребаа во ист гроб, човечки.

Ги излеаја во бронза и ги поставија среде плоштадот. На постаментот на големиот споменик испишаа:

„Во спомен на голема човечка и песја љубов. Крстан и Ведар во живот и смрт заедно“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here