Потребно време за читање: < 1 минута

73. Последна трага

Критичарот Борјан Крајноски им го препорачува новиот роман на писателот Јон Стамески „Последна трага“, на мала група млади и средовечни мажи и жени пред излог на книжарница:

-Во ова свое најново романескно остварување Јон Стамески ја раскажува последната трага на еден бездомник во велеград, пред да умре од студ и глад. Таа е мошне драматична, но раскажана воздржано, напати спокојно, напати рамнодушно. Како со последен здив. Штом ќе почнете да го читате, нема да престанете до последната реченица.

Го прекинува еден со длабок и ѕвонлив машки глас:

-Се разликува од претходните дела на писателот?

Критичарот кусо:

-Се разбира. Мислам дека овој роман значи почеток на негова нова раскажувачка фаза.

Се јавува млада русокоса девојка со големи црвени очила:

-Малку чудно со оглед на тоа дека неодамна почина.

Критичарот:

-Без оглед на тоа. Знам дека романов „Последна трага“ е само еден од многуте романи и раскази во неговата творечка оставнина. Некои од нив скоро ќе излезат од печат.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Констатира средовечна жена во долг црвено-зелен цветен фустан и голема жолта шапка на глава:

-Тоа значи дека оставил длабока трага во нашата книжевност.

Борјан Крајноски потврдува:

-Точно заклучивте.

Малата група влегува во книжарницата, а критичарот останува сам пред излогот. На лицето му се оцртува задоволство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here