Потребно време за читање: < 1 минута

80. Набрчкано лице

Напросто е неверојатно колку му е набрчкано лице. Брчка до брчка. Која од која подолга или подлабока. Повеќе подолги на образите, на подбрадокот и вратот, а повеќе подлабоки на челото и подочниците. Брчките на образите како да му се подредени, што доаѓа до израз особено при широка насмевка, а оние на челото како да се згуснуваат кога го прашуваат за нешто или бараат негово мислење.

Мене ми е најинтересно, дури е за чудење дека никој не му ги погаѓа годините според брчките. А и самиот тој притоа ги одвраќа, ги обесхрабрува. Вели:

-Тамам работа секоја од брчкиве на лицево да е една година. Некои од подолгите и подлабоките секако се, но повеќето ми се од грижи, секирации, патила, промислувања и премислувања. Некои и од надминати болештини. Исто како на други млади и стари набрчкани лица.

Забавно му е, се смее кога му кажуваат дека естетската хирургија отишла толку далеку што брзо и лесно може да се „испегла“ лице, ниедна брчка да нема на него:

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, раскази/ескизи

-Ма го знам тоа. Си го прават, им го прават тоа на жените во средни и многу години, има и понекој маж, но јас мислам дека таквото лице веќе не е вистинско. Мислам дека тоа многу влијае и на личниот идентитет.

Има една брчка на неговото чело што некако се истакнува, се изделува од другите. Раскажува дека му е уште од раното детство, откога во еден ден умреле татко му и мајка му. Обајцата од иста неизлечива болештина.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here