Потребно време за читање: < 1 минута

72. Умирачка и песочен часовник

Осумдесет и едногодишниот Трипун Лазески легна на смртна постела во понеделникот утрото. Вчера ја изненади седумнаесетгодишната внука Милица наредувајќи ѝ со строг и повишен глас:

-Земи пари од мојата пензија и купи ми песочен часовник со црвен песок.

Таа:

-Што?!…Што ти текна тоа? Зошто ти е?…Каков?…Голем? Мал?

-Ти реков, со црвен песок во него…Не многу голем. Да може да ми стои на доглед…На наткаснава.

-Ама имаш часовник. Големиов го ставивме на ѕидов спроти твоево зглавје за да го гледаш и веќе да не прашуваш колку е часот.

-Земи пари и оди купи!

Милица отиде на пазарот на дребнулии и пронајде убав мал песочен часовник со црвен песок во него, во убава дрвена рамка.

-Еве купив, дедо. Ти се допаѓа?

Тој весел, насмеан:

-Стварно е многу убав. Преврти го сиот песок да е во горниот дел од стаклениот сад. После стави го на наткаснава и бркај си работа.

Прочитај и за ... >>  ГОЛТКИ, минијатурни раскази/ескизи

Милица направи како што ѝ рече. Го бакна во десниот образ од испиеното, речиси бело лице и замина на дружба со школските другарки и другари.

Следниот ден, вторник утрото, точно дваесет и четири часа откако Милица го стави песочниот часовник на наткасната крај смртната постела, Трипун Лазески длабоко издиша за последен пат. Со весело, насмеано лице.

Сиот црвен песок во песочниот часовник беше истечен во долниот дел од стаклениот сад.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here