Потребно време за читање: 3 минути

98. Жената за Јас книжевник

Во својата поезија Јас книжевник секогаш ја нагласува комплексноста на природата на жената. Се разбира, неа ја открива и во туѓа, а особено го привлекуваат песни за жената напишани од жена. Зошто? Просто затоа што смета дека жената во сè и со сè е најнапред жена. За тоа посвети една од кулминативните интеракции во делово како романескнен наратив.

Јас книжевник одвреме-навреме пишува критички прикази, но без амбиција за контиунирана критичарска активност. А токму жената ја откри во стихозбирка на поетесата Розита Христова, во нејзината прва книга со наслов „Двете во мене“. Го поттикна да напише критички приказ. Го наслови „Современ и модерен поетски дискурс:

Еден бегол поглед врз најновите поетски остварувања на млади автори од една страна, и непознати, неафирмирани од друга, наметнува несомнен заклучок: современата односно модерната македонска поезија се богати со голема поетска разноликост, а која не може да се подведе под ниедна позната, затврдена и никаква поинаква, неексплоатирана класификација. Станува збор за еден мошне богат поетички плурализам во кој е стожерна поетската индивидуалност. Таа, пак, има елементи кои ја поврзуваат со друга, со други: супериорна поетска природа како најважен дел од поетскиот свет и универзална изразност или впечатливост. Наспроти потрагата по ново и едновремено надминување на постојното и најденото.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Се разбира дека темелното истражување на пројавите во современата македонска поезија во изминатите дваесетина години ќе согледа и открие низа специфики кои инсистираат на препознавања во не мал број поетики на автори со веќе завидно искуство и напластено творештво. Особено се наметнуваат актуализацијата на постојани, секогаш присутни и секогаш преокупирачки теми како тишината, поезијата и стварноста, јазикот на поезијата, субјектот и субјективноста, поетичката слика, стихот и меланхолијата во него, поточно меланхоличната лирска рефлексивност. Напоредно со нив и ненадејното, вдахновено откривање и осветлување на мали, скриени, недоволно познати нешта во внатрешниот свет на човекот и неговото секојдневје.

Од друга страна, токму секојдневјето станува сè пошироко поле на поетовите можности. Во него тој е совладан од историјата или од некоја друга голема сила, па единствено што може да стори е да ги опредмети своите творечки или симболички настројби. Притоа, тој неретко се наоѓа на самиот раб помеѓу страста, стравувањето и нужноста, секогаш и секаде во непосредната стварност, во постојано движење, едновремено бранејќи ја својата субјективност исклучиво зависна од неа.

Посебно, сè побележито место и значење во современата-модерната македонска поезија зазема урбаниот реализам. Може да се говори и за негова посебна, специфична поетика. Тргнувајќи од изборот на темите, секојдневјето на лирскиот субјект, неговото време споделено со времето на друг(и), надополнувањата помеѓу просторот или просторите на конкретни судбини и внатрешните простори на поетскиот говор, сè до веризам, иронија, гротеска и комуникативен говор кој е исполнет со јазикот на секојдневноста, напоредно со мислењето во слики, нивна прецизност и следот на асоцијациите.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

На разглед имам една интересна прва стихозбирка на поетесата Розита Христовска под наслов „Двете во мене“ (издание на авторот-самиздат со логото на Здружението на писатели „Манускрипт“; не потенцирам прва, туку само го регистрирам тој факт). Во неа сè се врти околу неа-жената. Таа е стожер на поетскиот свет во кој постои свеста за единственоста на личноста, но и едновременоста на двете во нејзиниот внатрешен свет: различни, напати спротивставени, а напати еднакви според силината на чувствувањето и преживувањето на доживеаното.

И најстрогите критериуми што ги содржат параметрите на современата односно модерната поезија укажуваат на несомнена зрелост, заокруженост и доследност на поетскиот дискурс, на еден поетски свет со конкретни и асоцијативни значења. Од песна во песна се прелеваат трепети и континууми-просторот и времето, наспроти дискретумот-материјата. Помеѓу нив е тишината, еднакво во стварноста, поезијата, во субјективноста на поетесата. Притоа, мошне препознатлива и впечатлива е меланхолијата во стихот, односно меланхоличната лирска рефлексивност (на која посочив како на една од назнаките на современата-модерната поезија). Наспроти редуцираната, речиси соголена поетичка слика, па и отсуството на изненаденост, постојано се откриваат и осветлуваат мали, скриени, недоволно познати нешта во внатрешниот свет на жената (на двете во неа), со едновремено доживување на корените, минатото, историјата и опстојувањето.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Изделувам две песни од книгава што ги сметам за стожерни, а според стојностите што ги поседуваат и најуспешни: „Жена“ и „Двете во мене“ (според која е и насловена стихозбиркава). Во првата мошне успешно се согледува сета комплексност на жената, нејзината таинственост, во која секогаш победува љубовта (восхит, химничност). Меѓутоа, најважните „удари“ што таа ги доживува, што постојано ѝ се повторуваат во животот се плачот и пркосот, тегобноста и насмевката, замолчувањето и простувањето, воинственоста и стаменоста: „од делчиња скршени и распукани/ ти повторно срце составуваш“. Во „Двете во мене“ мошне успешно се „разработуваат“ суштинските антиномиски крајности-стремежи во внатрешниот свет на жената: лет во бескрај и заробување, суровоста, безмилосноста и благородноста, гордоста и покорноста, вжештеноста и стаменоста, страста и девственоста, градењето и обѕидувањето: „Едната во мене мостови гради да побегне/ другата ѕидови подига за да ја запре;/ па кога двете во мене во едно ќе се спојат,/ тоа сум ЈАС, таква продолжувам напред“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here