Потребно време за читање: 2 минути

97. Јас обичен смртник од ден на ден забележува сè повеќе запалени и пењави. Особено меѓу политичарите и политикантите:

Не ви е доста од нив? Уште ќе ги следите, ќе ги слушате, ќе ги послушувате, ќе ги читате и гледате? Па уште им аплаудирате?!

Запалени и пењави. Повеќе едните одошто другите, ама едните со време речиси без исклучок стануваат другите. Значи, прво запалени, па ако ги остават такви лесно и брзо ќе почнат да се пењават.

Запалени во зборови, со зборови, до бзумие, до бесмисла; во секакви дејанија и реакции; при какво било соочување со реалноста, вистината, со животот и живуркањето, со подемот и падот, со стоењето во место; запалени при соочување со самите себе.

Пењави по кривење, по лигавење. Да не можеш да ги гледаш, да се згрозиш од нивното пењавење. Така е, тоа најмногу иде од други, поради други; едновремено бранејќи едни, а напаѓајќи други, со еднаква жестокост фалејќи свои, а кудејќи туѓи. За нив најмногу и најточно збори народната: „Пењави се, не пењави се, пари сум дал, ќе те јадам“. Е, токму тие-парите најмногу ги пењават. Јасно, тие што (им) ги даваат не ги јадат за да ги изедат. Ма не ги ни пробуваат, не ги ни каснуваат. Дури одвратни им се. Тие снага им јадат до премалување, до ништожност. Да, и душа им вадат, сѐ дури бездушни не станат.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Ги имало и уште долго ќе ги има насекаде околу нас. Веројатно нема да доживееме да ги снема, да се сневидат, да ни се тргнат од пред очи.

Ги изнедри сеопштата политизација? Се разбира, ама не сите. Најмногу оние безвредните, безличните, бездарните. Особено оние кои не ја познаваат сопствената личност, кои не се свесни за вредноста на себството. Никогаш не ја запознале, ниту се обидуваат да ја осознаат единственоста на сопствениот индивидуалитет, па поради тоа се чувствуваат најсигурни во толпа со предводник, со лидер. На кои не да не им пречи зависноста, туку ја прифаќаат како неминовност, како лична судбина.

Сме ги научиле, ги препознаваме, веќе сме се привикнале на нив. Од прости, полуписмени, недоучени, до наречиинтелектуалци, приучени, недокажани стручни или неопитни експерти. Нема никакво значење ни тоа, а ни нивниот статус во бизнисот, политиката Стекнат без труд и мака во животот.

Запалени во зборувањето, пишувањето, во однесувањето. Најчесто во одбрана на други, на свои против нечии, туѓи, секако непријатели. Пријатели само исти како нив.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Да, неретко, најчесто со пена на устите. А говорот сиромашен, простачки, површен, празен, вулгарен, неодмерен…

Послушници до коленичење.

Од сите нив најзапалени, најзапенети, ама и најзаслепени, ма помеѓу нив сосем слепи, се разбира и најнеподносливи се политичките и политикантските: членови, приврзаници, симпатизери, скриено определени, а јавно неопределени…

Со никој друг полесно одошто со нив? Игнорирајќи ги? Да, ама сепак не.

Најдобро: потсмевајте им се, иронизирајте ги, карикирајте ги нивните ликови, нивните тела, нивните однесувања и постапки. Презрете ги!

Најважно од сѐ: покажете им колку се ништожни. Ама не се обидувајте да им го докажувате тоа. Залудно е.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here