Потребно време за читање: 2 минути

104. Мојата рамнодушност

Што значи да се биде рамнодушен? Доволно е да не се пројавува никаков интерес спрема опкружувањето, вклучително наклонетоста, симпатиите, дури љубовта?

Потврдено во животот, во човековиот активитет: нечувствување спрема нешто или некого е еднакво на безволност, безнадежност, можеби и безвредност. Со други зборови, сеедно е дали нешто има вредност која допрва треба да се потврди, да се афирмира и брани или, пак, е веќе назначено како маргинално, безначајно, дури унижувачко во комплексноста на квалитетот на животот.

Стручно: рамнодушноста како нормална чувствена состојба е спокојство, смиреност, а се нарекува адекватна. Наспроти неадекватната, односно ситуација во која би требало да се чувствува некаква емоција, а не е така.

Во нашево совремие сè подоминантна станува тн. ситуациона рамнодушност. Таа се изедначува со индиферентноста спрема конкретен објект или ситуација. Имено, сѐ поголем е бројот на лица, на личности- субјекти на кои им е сосема сеедно дали некој објект е присутен или отсутен, а ако е присутен какви дејствија и дејанија презема.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Поважно од чувствувањето е покажувањето рамнодушност. Таа, пак, се доживува како игнорирање и целосно отпишување на нечие присуство односно постоење. Неретко со него на најефикасен начин се изразува презир, омраза. Едновремено е негација на вредност. Колку бил поголем претходниот однос на симпатија, толку е поголема негацијата.

Најважно: луѓето се проактивни, способни да се видат себеси во одредени однесувања. Тие градат став за некој или нешто според бројот на информациите и знаењето. Рамнодушноста, пак, не е само знак на отфрлање, туку и на ослободување. Пред сѐ поради неподготвеност ставот да се сподели со друг или да му се сопостави.

Се разбира, никој не е рамнодушен спрема сѐ. Просто тоа не е човечки, не ѝ е својствено на човековата природа, каква било да е таа. Всушност, рамнодушноста спрема сѐ е целосна поразија на личноста. Значи, таа се изгубила себеси, веќе не е тоа, не се препознава, нема ниту свој идентитет, ниту интегритет.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Јас сум рамнодушен спрема сѐ она што не е дел од мојот статус, од мојата позиција во создавањето и дејствувањето, а најнапред што не е дел од мојот вредносен систем.

Најконкретно:

Проблесоци во мислата, промисли-домисли, афоризми, сентенции…најмногу на светот од еден дребен писател, поет, мислител, промислувач, сатиричар, новинар-хроничар, поранешен најголем радиомен на овие простори. И? Па што?

Па тоа! Па никому ништо!

Имам подготвени за издавање 70-тина обемни и според структурата и содржината мошне комплексни дела: поезија-стихозбирки, поетски студии, поетски инсталации, двостишија; проза-романи, раскази-ескизи; сатира-хуморески, афоризми… Кои можеби, многу веројатно додека сум жив нема да видат бел ден-во печатен формат. И? Па што?

Па тоа! Па никому ништо!

Веќе прифатив дека кај нас никому не му се потребни моето знаење, стручноста и 40- годишното медиумско искуство (електронски медиуми-радио и ТВ-професионално новинарство; медиумски менаџмент, програмско-уредувачка политика и практика). Ниту некому му е потребна мојата научна студија „Аспекти на модерното радио-Радио на современата модерност“, која повеќе од сигурно исто така додека сум жив нема да види бел ден-во печатен формат. И? Па што?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Па тоа! Па никому ништо!

Важи како за многу друго: многу дадов-многу изгубив.

Што добив-колку добивам?

Во мене сѐ повеќе расте рамнодушноста! Тоа не е личен пораз, туку помиреност, прифаќање на реална состојба. (Најпрецизно би ја именувал како полит-бизнисменски жабурнак.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here