Потребно време за читање: < 1 минута

129. Вредности и минливости

Криза на вредности? Ја немало никогаш! Имало и има криза на секојдневен живот без вредности. Многу често како книжевник, па и како самосвесна, мислечка и ангажирана личност промислувам, пишувам и објавувам на оваа тема. Новинарски текстови, проблесоци во мислата (промисли-домисли, согледби-стојалишта, умности-премудрости), мали есеи, книжевни дела-сатира, проза, поезија. Сега само неколку нафрлоци.

Минливоста не е наспоредна, туку е секогаш спротивставена на вредноста. Минливоста со дребнавости без кои се може секогаш. Вредноста докажана со дела кои го живеат своето време, а продолжуваат да живеат во нечие или сечие идно. Во минливоста е маргинализирана, некогаш и сосем безначајна полнотата на животот. Вредноста ја богати, ја облагородува, ја прави суштествена за опстојот на човекот. Минливоста ја деструира човечноста, а во светот на вредностите таа е темелна.

Кризата на секојдневен живот без вредности неминовно ја достасува кулминативната точка по предолго егзистенцијално стоење во место или кога почнува забрзано назадување во економска смисла, следствено и моралноста. Неа ја предизвикуваат простотилакот, примитивизмот и провинцијалниот дух, но пред сѐ власт која владее потчинувајќи, понижувајќи, условувајќи, корумпирајќи. Се разбира, несвесна дека го прави тоа во корист на сопствената штета, дека токму крајот на таа криза е нејзин крај. Тоа ќе значи целосен распад на системот, па и хаос? Не, затоа што не станувало или веќе не станува збор за каков било систем, туку за осознаена ништожност, безидејност и бесцелност. На раб на бездна. Едновремено будење и колективно освестување предводено од создавачи на вредности и од мислечки самосвесни, слободоумни и независни личности.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Минливоста како долготрајна криза на секојдневниот живот без вредности, наспроти вредноста која му дава смисла, содржина и човечност на опстојот на човекот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here