Потребно време за читање: 2 минути

52. Однос и однесување

Не мислам на односите спрема стварите, нивната употреба и злоупотреба од страна на човекот-човештвото, туку на дневен ред ги ставам односите помеѓу луѓето. Поточно, нашиот-личниот и колективниот однос спрема човечката средина и околина.

На ова ме поттикна една стамена домаќинка со која се запознав случајно. Прво ме збуни, просто ме вчудовиде, но само некоја минута потоа се разбравме.

Ми се пожали:

-Јас сум имала многу односи со луѓе, ама вакви помеѓу политичариве никогаш не сум доживеала. Па, како само можат толку отворено и безобѕирно?

Какви се тие од неа никогаш доживеани? Најнапред, несомнено мислеше на лични, не на партиски, туку веројатно помеѓу политичари од позицијата и опозицијата. Впрочем, практично се невозможни „безобѕирни“ односи помеѓу членови на една партија, а е незамисливо евентуални такви да бидат обелоденети.

Може ли да се претпостави какви се тие односи „отворено и безобѕирно“? Да претпоставам: отворено тие може да се искажуваат односно покажуваат како отклони од вообичаените, стандардните односи, а безобѕирно значи дека се тие крајности, излезени од партиска и меѓучовека контрола, па дури жестоки.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Најважни прашања:

Колку таквите-од мене претпоставените односи се толку видливи и намножени што веќе станале „никогаш доживеани“?

Дали се тие-таквите односи главните причинители за лошото, неприфатливото политичко милје, за севкупната политичка клима и за големата конфронтираност помеѓу водечките партии од позицијата и опозицијата, а која нормално мошне негативно се одразува како на внатрешнополитичката стабилност на државата, исто така и на нејзината меѓународна позиција?

Она што е можеби најбитно за односите од каков било вид, е дека нивниот квалитет најмногу зависи од однесувањето. Со други зборови, во прво лице еднина: какво ќе ти е однесувањето спрема оној со кого имаш односно посакуваш однос, таков и ќе ти биде. А од сите односи, најзависен од однесувањето е политичкиот.

Очигледно, стамената домаќинка, како сите обични луѓе, политичките односи ги разбира онака-домаќински. Затоа што е одамна затврдено дека кај нас за жал токму од политичките односи зависи сѐ или речиси сѐ.

Само да потсетам на брачниот однос во кој партнерите припаѓаат на различни политички „опции“. А слушам одвреме-навреме дека сексуалните биле присутни и во политичките односи (како „случаи“ односно афери).

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Ќе си земам малку слобода, па во тој контекст малку ќе иронизирам:

Ја оставам можноста за скорешна нивна сѐ поголема „присутност“, имајќи го предвид фактот дека процентот на пратеници од понежниот пол брзо се зголемува, никогаш не бил поголем од сегашниов. Се разбира, пред сѐ мислам на односот во рамките на половата односно родовата рамноправност.

Е, токму таа-рамноправноста ми е поентата на ова мое промислување за односите. Имено, убеден сум дека најстабилни, најдолготрајни, најквалитетни, најпросперитетни и најплодни се односите што се воспоставени на рамноправна основа. Особено кога станува збор за политичките, па и позиционерско-опозиционерските. И личните и колективните.

Да не се прашувате случајно какви се моите односи со досегашните и сегашниве политичари? Исти како на сите слободоумни, самосвесни, самобитни мислечки и творечки личности.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here