Потребно време за читање: < 1 минута

26. Сетен

Сетен е и кога не им е гледен
на луѓе кои може никогаш
не ни помислиле на него,
освен кога им било сееедно
до каде ли, до кога ли
ќе им излегува пред очи
како глас или како сон;
дека веќе немаат свое време
за ново заживување
и ново вкоренување во свет
на залезување.

Некој го знае или го памети
од дете,
додека се искачувал игриво,
па и со предумисла кон врв
на единствен оган
што не може никој сам
да го угасне;
зашто го запалила секавица
спроти ветришта,
во точка на нивна сплотеност
против заеднички мрачител.

Некому му се прикажува
или само му се присторува
ѕвезда на ширна тивост,
која прва засветува,
која последна загаснува
меѓу постојани и стамени
движења недосигнати
за секој што нема никој свој.

На сите, од прв до последен
им е сетен и кога
не им е гледен
еднакво близок и далечен
во доблесен миг на будење
или пред заспивање;
откога ќе почнат да врнат
студови горешти од души
во облаци надојдени,
за одново да почне да раѓа
земјава непреболна,
а плодородна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here