Потребно време за читање: < 1 минута

50. Немислено

Му иде баш така,
немислено,
што значи ненадејно,
некогаш наврапито
некој таен молк
меѓу негови зборови
како меѓу соништа
навалници.

Па што ако е некој
таен?

За него секако ништо,
освен можеби дека
некогаш не им дава
на неговите зборови
да се раскрилат,
па да полетаат,
па да ја достасаат
небесната синевина
меѓу две сушности
на неговото постоење
како човек.

Му иде баш така,
немислено,
а сите негови љубови
незаборавни
му се прикажуваат
во игри безгрижни,
во игри бесцелни,
ту на светлина,
ту во мрачнина;
како да сакаат
да му се докажат дека
и по многу години
не можат без него
ни да дишат,
а камо ли да продолжат
без него
кон своите хоризонти.

Тој е спокоен сам,
тој е безволен без нив,
тој во себе е претсмртен.