Потребно време за читање: < 1 минута

51. И во него и надвор од него

И во него смрт мигум притаена,
и надвор од него смрт ненадејна
до пред самоти лични устреми.

И во него смрт како смрт една
иста, повторлива,
што остава трага недоречена,
а нȇма,
како да ја немало никогаш,
како да ја има секогаш.

И надвор од него смрт
како смрт што демне
на секој чекор, во сечиј чекор
кон близок или далечен врв.

Смртта во него некогаш успева
да ја предизвика
на беспоштедна борба со живот,
а на смртта надвор од него
се обидува да ѝ го сопре
нередот,
та да ја умори со игра
на мрак и виделина.