Потребно време за читање: < 1 минута

48. Стар корен на виделина

Излегол стар корен на виделина
од длабоко во земја безживотна,
надевајќи се дека ќе може
да докаже колку не се може
без него да се живее на свет
сегашен без своја иднината.

Согледал до најдалечната точка
на човечкото постоење:
како пламнал оган подземен
и бликнала вода изворска
и се успокоила небесна ведрина
и заживеала сенка за нова игра
создателна.

Па на помалите корени од него,
па на потенките и подебелите
и на помладите и посилните
од него
им порачал барем за миг
да го прекинат продирањето
што подлабоко во утробата
на земјината опстојба;
за како него да излезат
на виделина
зашто е време да преземат
лична одговорност
за својата неограничена иднина.

Тој ќе ги поддржи, ќе ги брани
со силата што му преостанала
до конечната смрт,
до последното пресушување
на срцевината.

Но никој не се одзва!
Како сите да снеможеле толку,
што веќе не можат ни
чекор напред или чекор назад
кон изгрев или залез,
кон живи простор и време;
просто затоа што виделината
ја гледаат како сомнежна
неизвесност.

Прочитај и за ... >>  ВО ЖИВ ПРОСТОР ЖИВО ВРЕМЕ, Доживотна мисла, поетска инсталација

А колку подлабоко продираат
во земјината самота,
толку повеќе се навикнуваат,
се прилагодуваат
на нејзината тишина
и нејзината рамнотежа.