Потребно време за читање: < 1 минута

55. Меѓу мртви

Тишини меѓу ноќ и ден
како струполени камења
од дамна искачен рид
од народ исконски;
тишини големи и мали,
коски со срцевини
и коски бели;
тишини без знаци,
звуци, гласови, зборови,
како да заскитале без нив
незнајно каде,
како да се збрале конечно
пред конечно исчезнување.

Неброени се,
меѓу ноќ и ден надоаѓаат
без престан,
меѓу паметење и заборав
премалуваат, издишуваат.

Он не знае од кога е и он
меѓу нив, со нив,
небаре не можел без нив,
ниту тие можат без него
откога народ исконски
кренал ѕидишта од стени
кои не можат
ни да ги преминат
ни да ги надминат
бели, модри,  црни облаци,
ни намерни ни ненадејни
ветришта,
молњи и громови.

Он се прашува,
но не знае да си одговори
до кога ќе биде и он
меѓу нив, со нив;
оти по некое ниедно време
ќе биде мртов како нив,
тишина голема и мала,
студена и огнена,
тишина без знаци,
звуци, гласови, зборови,
без престан меѓу ноќ и ден
меѓу паметење и заборав
премален, издишан.

Прочитај и за ... >>  ВО ЖИВ ПРОСТОР ЖИВО ВРЕМЕ, Доживотна мисла, поетска инсталација

Он ќе ги премине ѕидиштата
кренати од стени
откога разбра за живот
на тишини во простори
со свои ѕвезди, месечини
и сонце.