Потребно време за читање: < 1 минута

15. Во мојата природа

Сè е наместо во мојата природа
и е уште жива, животворна,
согласна со силите земни,
подземни, надземни.

Помеѓу сомнежи, надежи,
помеѓу неизвесности, огнови,
помеѓу спокојства, премрежја,
помеѓу игри и ветришта.

А откога се знам себеси
како човек самосвесен,
самобитен, слободен, силен,
тивок, громовен,
напати ранлив,
напати обеснажен,
никому не му давам
да турка во бездна
големи и мали камења
од стари или нови
мои планини;
на намерник и безименик
не им дозволувам да сечат
до срцевина столетни дрвја
колку длабоко,
толку широко вкоренети,
ни да кршат млади фиданки
штотуку разгранати;
ниту некој да се охрабри
да ми пресуши извор,
да преплави моја река
свои брегови.

Во мојата природа сум сам
дека никој веќе нема време
да сподели време со мене.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here