Потребно време за читање: 3 минути

48. Ненадејно, шокантно, несфатливо

Бисера вечерва цврсто решава контактите со нејзиниот Пламен во Бирмингем да ги сведе на меѓусебни SMS пораки, да ги одбегнува колку е можно тонската и визуелната комуникација. Дури и нив да ги проретчи, со оглед на нивното од ден на ден сè поголемо разредување; иако таа не си признава дека на кој било начин сама придонесува за тоа. Што се случи? Зошто ваквата одлука? Некаква моментна или подлабока криза во љубовта, во односот?!

Да, од почетокот на нивниве срцевини се знае дека се во љубов многу време, и заедно и кога порано понекогаш кусо време беа самотни, далечни еден од друг; и сега за нив веќе прилично долго. Да, најпрвин, а може да се рече и најмногу поради силата и постојаноста на сопатништвото; со меѓусебно уважение, одбрана и толеранција на личното, заедничкото, сплотувачкото, споделувачкото. Да, обајцата и натаму се цврсти во убедувањето дека далечината не може да ги оддалечи до меѓусебно отуѓување, да ги загрози безмерноста и безграничноста на нивната љубов.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, поглавје 55

Суштествено прашање кое Бисера си го постави мигум, но на кое засега нема, ниту сака да се обиде да си одговори: дали оваа нејзина одлука е предизвикана само од Пламен?

Во претполноќен час таа вообичаено сама во својот апартман. Спокој пред заспивање, по напорниот петок во медицинската клиника, во одделот за гастроентерологија, средбите и разговорите на Невролошкиот институт при Универзитетот МекГил, како и прошетката низ тропската шума во Biodome, еден од четирите објекти на најголемиот во Монтреал; најголем канадски комплекс на природни науки, во друштво на веќе најблиските пријатели Жан Кадре и Сем Пери. Крај големиот прозорец, загледана во ѕвезденото небо.

Од мобилниот се слушна сигнал за добиена SMS порака од Пламен, од Бирмингем. Го вклучува и чита во себе:

„Добровечер, Бисера моја,

Се надевам дека уште не си го фатила првиот сон, ја имам предвид временската разлика, и веднаш ќе ме „прочиташ“. Секако дека ќе те изненади, но мислам дека попрво ќе те израдува мојата одлука и веќе направениот „конкретен чекор“: се враќам во Скопје, во нашата Македонија, во нашата „Габерија“, кај нашите Ѕвездана, Апостол и Славка. Резервирав авионски билет, „летам“ задутре!

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 74

Веќе дадов оставка во компанијата. Не беше лесно. Се обидоа да ме разубедат, да останам. Ми понудија и поголема плата. Најмногу се трудеше мојата прва претпоставена, менаџерката Силвија Нортон. Мислам дека досега не сум ни ја спомнал. Таа е една многу убава средовечна жена, две години помлада од мене; разведена, без пород. Во овдешните бизнисменско-менаџерски кругови мошне ценета. Од почетокот ми е мошне наклонета. Имавме и заедничко интимно време, мигови…Се разбира, не жесток секс, до изнемоштеност…Неважно.

Мојот пријател и колега Никифор Стојменоски дигна раце, престана да ме разубедува, да ме наговара да останам. Му требаше време да ме разбере. Дури ми призна дека и тој би го сторил истото кога би имал ближни во неговата Битола, огнот во неговото домашно огниште да не е одамна угаснат. Ми помага да се спакувам.

Се враќам во нашето дома, а потоа заедно со тебе и децата ќе одлучиме што ќе биде најдобро за сите нас; дали и ти ќе го прекинеш твојот престој во Монтреал и ќе се вратиш, или и ние ќе дојдеме и ќе заживееме семејно. Според мене, таа наша заедничка одлука најмногу треба да зависи од состојбите и нашата перспектива во Македонија.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 67

Ќе те побарам утре за да разговараме подолго. Добра ноќ“.

Пораката на Пламен за Бисера беше ненадејна, шокантна и несфатлива. Како е можно досега да не го познавала како толку решителен, да донесува еднострано важна, животна, дури заедничка егзистенцијална одлука?…А неговата „мошне наклонета“ шефица Силвија Нортон?! Зарем…

Им се јави на Кадре и Пери и ги покани остатокот од ноќта да го минат заедно, итнимно. Тие прифатија со одушевување. Таа знае дека подолго време нестрпливо очекуваа да „попушти“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here