Потребно време за читање: 2 минути

55. Посведочување

Јас лично, како човек кој љубопитно открива, набљудува и следи собитија поврзани или неврзани со луѓе, но и луѓе со или без лесно согледливи собитија, можам да посведочам дека собитијата поврзани со Бисера и Пламен Бригиски, исто како Бисера и Пламен Бригиски со своите собитија, се најмалку зависни од нивната материјална состојба, поточно од нивната благосостојба, а во најголема мера од нивните кариерни амбиции. Мислам дека досега тоа го искажав во доволна мера, што секако не значи дека сега завршувам или, пак, најавувам крај на нивното откривање, набљудување и следење. Напротив. Само сакам да нагласам колку е во тој контекст важно нивното моментно самотно сапотништво кое, дури на нивно лично изненадување, особено на изненадување на Бисера, се чини ќе заврши побрзо отколку што можеле и да помислат. Што едновремено ќе значи нивен некаков нов почеток или продолжение на претходни состојби, позиции, статуси во македонското општество. Пред сè судирања на нивни ставови за денешнината и иднината на Македонија со постојниот политикантски и властодржачки естаблишмент.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Во очекување на скорашното заедничко решение, кое се сведува на поврат дома, можеби почеток на нов семеен бизнис и работа онлајн, на далечина, од дома за странски компании, или, пак, трајно иселување во Канада, во Монтреал, Пламен ги возобнови своите стари деловни и пријателски врски во Скопје. Тие, пак, како да разбудија во него основна замисла поврзана со неговиот нереализиран, поточно неприфатен, пропаднат, најточно одбиен проект за карпеста населба. Се разбира, не се откажал од проектот за изградба на паметни згради во татковината, во не така далечна иднина можеби паметна населба, проектот искористен, на индиректен начин злоупотребен од компанијата во Биермингем токму со градба на таква. Меѓутоа, сè повеќе се амбицира за реализација на карпестата населба, модифицирана во планинска подземна. И тоа како личен односно семеен градежен бизнис.

Утре ќе ѝ се јави на Бисера, ќе ѝ ја изложи амбицијата и ќе побара и таа да се врати дома. Особено затоа што има голема поддршка од Ѕвездана и Апостол.