Потребно време за читање: 2 минути

4. Човечна сончевина

И за него и за неа некое време, макар час, макар миг не би ѝ се предале на каква било сончевина. Тие велат дека е така и за сите други луѓе, ама ретки од нив помислувале, а камо ли да промислат што значи или што треба да значи таа во нивниот живот. Се разбира дека нема живот без сончевина, најмногу затоа што го помага раѓањето, растежот и траењето. Затоа предизвикува восхит, затоа се чествува, затоа се возвишува, се воспева. Меѓутоа, за него и за неа не е секоја сончевина за соживеачка, сопатништво, за споделување добро и зло, за и во радост и во жалост. Тоа значи дека има повеќе, различни сончевини? Значи една, но на луѓето им се јавува различно во различно расположение, во различни состојби и собитија. Бидејќи доволно добро го согледале, го научиле животот каков што е, неговите очекувани, ненадејни и неизвесни, некои дури судбоносни непостојаности, заедно се определиле за една која можат секому да му ја издвојат, да му ја разложат, да му ја доловат и да му помогнат да ја восприми нејзината суштина: човечната сончевина. Која е и каква е таа човечна? Секогаш одговараат со два-три збора:

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 46

Човечната сончевина му се јавува на човекот на изгрев и такво останува сè до залез. Човекот го препознава според две нешта: зрачењето ведрост и спокој, и сенката што му ја прави и му ја варди само како негова.

Ведроста и спокојот ги докажува изгревајќи со умереност на топлината, внимавајќи на човекот да не му се нафрла со жештина или студенина, особено на пол ден. А зајдува речиси незабележливо, просто претопувајќи се во квечерина. Притоа се мошне важни неговите бои, од кои наутро е доминантна жолто-сината, а пред квечерина румената.

Сончевината му ја докажува на човекот својата човечност со сенката што му ја прави и му ја варди само како негова. Особено ако се знае дека човекот не е човек, ниту човечен без своја сенка. Од рано утро до квечерина, по која и тој и неговата сенка се подготвени за ноќта, за починка и мирен сон во мрак.

Секогаш треба да се има предвид: како сè друго во живиот свет, и човечката добросрдечност и благородност во многу е зависна од човечната сончевина.