Потребно време за читање: 2 минути

36. Легнат на срце

Почна да го стега срцето. Ненадејно и сè поболно. Што му станало? Што му се случува? Дека годините го умориле, му ја истрошиле снагата? Да не е од сè почестото и сè позабрзаното чукање во последно време? Онака, без причина или од нервоза, грижа, мака, неспокој? Не ќе да е во последно време или наеднаш. Долго, неброени години му траат отпорот против насилништвото, борбата за слобода на мислата и делото, одбраната на личното достоинство, возвишувањето на љубовта…

Да не е од некоја болештина која несетно и подло навлегла во неговото тело, па најпосле досегнала до него?

Го легна неговата премаленост. Досега никогаш не му било така: да го стега ненадејно и болно, да чука сè позабрзано, да не може да стои на нозе, да исправи снага; да му снемува воздух, а да не може да го вдише длабоко.

А што ако не стане повеќе и лежи до смрт? Да не му дошол претсмртниот час?

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 42

Му олесни кога си легна на срце. Го притисна со снагата, склопи очи, успеа да почне да дише со постојан ритам и побара во своето минато некој од неговите блиски за спокоен сон.

Дури во ниедно доба на ноќта легнат на срце успеа да заспие. Не знае точно кога, во кој час, минута, секунда. Но сега, од рани зори во мислата му е љубовта на жената што му дојде на сон последна. Не нивна, туку нејзина што му ја раскажа кога се најдоа сами пред мраморниот паметниик на творецот кој изделка во црн и бел мрамор секакви срца-тажни, весели, разиграни, спокојни, заагрижени, болни, исплашени, и ги постави во паркот до централниот плоштад на градот и во блиската густа дабова шума. Штедро им ја дарувала на своите две машки рожби додека не пораснале, не се осамостоиле, додека не станале личности со идентитет и интегритет. Одамна не знае кај се. Заминале во светот и не ѝ се јавуваат. Ја заборавиле?

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 28

Таа одамна не е жива. Му се изнасмеа кога ѝ кажа дека му се смири срцето откако легна на него. Му се чини во последен миг, пред да му излета од градите.