Потребно време за читање: 2 минути

45. Клима

Ни враќа климава со неприлагодливи промени, без ред на годишните доба! Најпрвин поради сè што ѝ сторивме и ѝ сторуваме за да биде само наша, пред сè каква што ни треба. Ни враќа истовремено повраќајќи се каква што била, своја и постојана. Изразувајќи ја својата сила, истовремено менувајќи ја нашата секојдневна живеачка.

Во борба е против нас? Не, туку во одбрана од нас, од сè она со што навалуваме на неа. Дури не се откажеме од каков било обид да ја овладееме, да биде секогаш каква што ни треба. Не, не ни враќа за да нè порази, да нè подреди, сиот живот да бидеме зависни од неа како што било дамна или до неодамна.

Ѝ забележувам на мојата клима дека прилагодувањето треба да биде обострано, што значи дека не можеме заедно денес и утре ако не се поддржуваме и не соработуваме меѓусебно. Па и ако не споделуваме наши времиња и невремиња. Таа, пак, ми забележува дека всушност не станува збор за прилагодување, туку за мое самоволие и наметнување на мој ритам на дејствија и промени. Притоа, воопшто не водејќи сметка за нејзиниот ред воспоставен уште од постанокот на светот и Земјата.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 37

Воопшто не треба да троши зборови на агресивното однесување на малиот човек и ненаситноста, па и безочноста на силникот и богатникот.

Ѝ забележувам на мојата клима дека греши кога се поистоветува со природата. Тие се меѓусебно поврзани, во не мала мера и меѓузависни, но се и различни помеѓу себе. Неретко спротивставени. Таа, пак, ми противречи. Ми докажува дека за човекот со природата се како едно живо тело, а двете се секогаш и без исклучок еднодушни. Денешниот човек навалува на двете истовремено. Не само за да ги потчини на себеси, туку и да ги менува според сопствени намери, цели, желби и интереси.

Мојата клима ми предложи како човек од денес, па додека сум жив да бидам чувар на редот и рамнотежата помеѓу неа и природата. Тие, пак, заедно деноноќно ќе бдеат над мојот доволен живот. Прифатив радо.