Потребно време за читање: < 1 минута

40. Гласови

Еден глас, па друг, па трет наспроти многу, наспроти многугласје. Притоа, нужно ли е или е можно разногласје? Или е поважна од сè еднаквоста меѓу нив, доколку ја има? Да не е еден попрв од друг, друг понапред од трет, а многугласје да ги надгласува сите? Всушност, кој е кој меѓу гласови наспроти многугласје?

Не е никаков проблем слушањето на секој глас. Тоа е проверено и докажано. Имено, доволно е секој глас да се изделува според силината, тонот, бојата или да се слуша како меѓуглас, па оние што ги слушаат да ги слушаат наспоредно постојано или одвреме-навреме. Притоа, без да се определуваат односно да поддржуваат еден или повеќе од нив.    

Не е никаков проблем ни меѓу повеќе гласови или во многугласје да се слуша само еден глас. Имено, доволно е кој било да биде посилен од сите други, може водечки, а сите други само да го поддржуваат или придружуваат. Може и да молчат, дури да мораат додека се слуша тој.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 39

Кога е збор за гласовите, нивната блискост, значење, разликување и изедначеност, најважни од сè се нивните содржини и цели. Поготово кога еден глас ги надвие сите други. Да, мислам пред сè на громогласноста.

Знам нешто што е од дамнина, откога постои гласноста:

Гласот на народот е секогаш громок и екотен. Тешко му на оној што нема да го слушне совреме.