Потребно време за читање: < 1 минута

27. Цел

Има една цел човеков во животот му преостанат: во беспатјево да најде, да сретне или барем да догледа пред себеси човек со човек, кој ќе му помогне да го надмине и да пронајде пат до негде. Чувствува дека нема уште многу од животот му преостанат, а според забрзаното снеможување на снагата му речиси е сигурен дека беспатјево има крај и е сосем близу до него.

Единствено е важно што на човеков беспатјево му е последно. Тој го осозна тоа откако успеа да согледа според што се разликува од сите претходни, од него изминати и речиси заборавени: во ова беспатје владее сивота.

Човеков се надева дека во беспатјево ќе најде, ќе сретне или барем ќе догледа пред себеси човек со човек, но и стравува дека залудно си го поставил тоа за цел. Токму поради сивотата. Само затоа си има друга цел што му се чини ем поблиска ем поостварлива: да открие сè уште неизбришана трага која води до пат што ќе го одведе во жив свет со идно време. Сличен на неговиот од пред многу години, запустен и напуштен од него како последен жив сведок на самоуништување.

Прочитај и за ... >>  ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 16

Што ќе се случи ако не успее, ако и двете цели не ги оствари во животот му преостанат?

Знае што: беспатјево во сивота е толку снажно, бескрвно, бесмислено и сурово, та ќе го соголи до голи коски, до непрепознавање од никого и од ништо. Без свој корен, без свој идентитет и без суштина.