Потребно време за читање: 4 минути

67. Безнадежие

Помина многу време од последната средба на Пламен и Бисера со Сирма Палигорска, поетеса со веќе три објавени стихозбирки. Чија поезија книжевната критика ја назначи како „меѓник меѓу реалниот и личниот имагинарен свет, со сопствен јазик и систем на знаци“. Живее сама во атик во центарот на градот. Веќе преполн со книги на ѕидовите, во аглите, на подот. Од мебел само мала дрвена маса на средината на просторијата, две зелени излитени фотелји и зелен излитен диван, а под прозорецот спроти влезната врата црна работна масичка, лаптоп и светилка на ѕидот во форма на фенер. Стара мома која пред да се осами имала неколку неуспешни љубовни врски, сведени на секс без посветеност и само за физичко задоволување. Веќе нема никакви илузии дека во животот ќе ѝ се случи пресврт на тој план. Дека ќе сретне некој со кого ќе сподели макар мал дел од својот интимен свет.

Пламен и Бисера се сретнаа со Сирма Палигорска пред два дена на кејот и се договорија да ѝ појдат на гости за да се подружат два-три часа. Пријатни им се овие пролетни вечерни часови, па во ведро расположение еве ги пред вратата на нејзиниот атик.

Поѕвонија, вратата се отвори со чкрипење и пред нив се појави Сирма. Весела, насмеана, во домашен црвен фустан, со долга коса и нашминкано лице, со раширени раце за пријателска прегратка. Се изгушкаа, се бакнаа, влегоа. Пламен и Бисера седнаа во фотелјите, а таа ги понуди со кафе. Прифатија со задоволство и нагласка дека не сакаат ништо друго. Дојдени се да се подружат некое време, по многу време од нивната последна средба. Пријателството со неа им е драгоцено.

Сирма Палигорска им раскажа дека во меѓувреме, од нивното последно дружење, во нејзиниот живот не се променило ништо на личен, поточно на интимен план. И натаму е стара мома. Со рамнодушна насмевка повтори неколкупати дека има сè помалку и сè поретко потреба од маж „на кој било план“. „Особено на заштитнички!“. Речиси е сигурна дека во самост ќе го мине остатокот од животот. Но, не си дозволува поради тоа да ја надвладее резигнација. Напротив, таа помирливост со судбината, всушност со сегашнината и иднината како да ѝ дава додатна творечка енергија. Да, пишува поезија интензивно, секојдневно. Напоредно работи на две нови збирки; едната со песни како сликовни апстракции, а другата со катренски строфи како мали игри меѓу светлина и темнина.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 70

Некако спонтано, во нивиот неврзан разговор за сè и сешто-ноќна забава, дневни ангажмани, егзистенција, личен кариерен напредок, култура, творештво, како само по себе да се наметна безнадежието на Македонецот во „сè уште неговата земја Македонија“ (нагласување на Сирма). Преименувана со небулозна, дури идиотска географска одредница, испокрадена од актуелната власт и речиси разнебитена. По малку неочекувано, разговорот се сведе на дијалог помеѓу Бисера и Сирма. Пламен слушаше внимателно, изразувајќи го своето одобрување или несогласување со кимање на главата и гестикулации со рацете.

Сирма:

-Веќе е загрижувачко безнадежието на народот. Мислам дека тоа ќе нè докусури, ќе нè збрише. И за тоа најмногу ќе бидеме сами виновни…И јас сè повеќе станувам безнадежна. До толку е доведена работата на крајот, што сè помалку верувам дека има сила што ќе ги преземе работите во свои раце или дека скоро ќе се најдат јунаци што ќе ја поведат последната битка за опстанок…Се самоуништуваме. Овојпат конечно ќе бидеме збришани како народ, во нашава исконска земја и со „остатоци“ раселени низ целиот свет.  

Бисера:

-Се соглесувам дека од ден на ден стануваме сè побезнадежни. За нас дури веќе не важи оти надежта последна умира. Но, нашето славно минато ни докажува колку сме силни и оти сме по природа тврдокорни, нескршливи, жилави до смрт. Ја знаеш големината и тежината на „Слобода или смрт“ над камата и револверот…Јас не мислам дека е сè готово, дека ни е близу крајот. Напротив, убедена сум дека макар во последен момент ќе се свестиме што дозволивме и дозволуваме да ни прават, ќе се обединиме, па мудро, со знаење и искуство ќе удриме на внатрешниот и надворешниот непријател…

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Сирма:

-Зборуваш како револуционерка, а не како интелектуалка…

Бисера:

-Зборувам како револуционерна интелектуалка! Никогаш не сум се предавала и никогаш не сум ги одбегнувала предизвиците. Напротив! Знаеш добро колку и јас и Пламен ѝ се спротивставувавме на актуелнава предавничка власт. Не дозволивме да бидеме вовлечени во нивното идиотско и велепредавничко политикантство. Го жртвувавме дури и бизнисот…Драга моја, добро те познавам и знам дека сме на иста „линија“. Затоа се чудам на твојата рамнодушност спрема безнадежието на народот…

Сирма:

-Моја рамнодушност?! Јас само изразив загриженост поради него. Забележливо е на секој чекор! Во односите меѓу луѓето, во нивната меѓусебна комуникација. Дури на нивните лица и во држењето на телата!…Ти веќе некое време не си овде, во Монтреал си, па може тоа влијае да не ја гледаш, да не ја согледуваш, да не ја чувсртвуваш затвореноста  на секој во себеси…А власта е сè понеодговорна и се однесува баш како да е сè готово со нашава државичка и со нашиов народ!

Бисера:

-Мене сето тоа што ти го забележуваш многу повеќе ми личи на „затишје пред бура“, одошто на безнадежие. Ќе избувне гневот наеднаш, ќе се распали огнот и никој и ништо не ќе може да го изгасне…

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, 62

Сирма:

-Белки си во право. Белки ќе дочекаме…Знаеш зошто во разговоров го наметнав безнадежието?…Простете ми за тоа…Затоа што го промислив наспроти и наспоредно со почитувањето на создадените творечки вредности на претходните генерации  и вредностите што ги создаваме ние. На сите полиња. Разбирливо кога сум јас „во прашање“, и за литературата, поезијата…Тие никому не му значат ништо. Дури напротив, во нашево време како воопшто да не се создаваат…Само во најтесни творечки кругови… А отсекогаш вредностите се тие што го мотивирале и го придвижувале светот, го куражеле духот на народот…Да, и револуционерниот…Туку, не ве прашав дали решивте, што решивте. Ќе ја напуштите Македонија засекогаш? Ќе се иселите во Канада?

Пламен:

-Уште не сме одлучиле. Тоа е тешка одлука…Допрва ќе разговараме, ќе преговараме и ќе се договараме…Најверојатно кај Бисера ќе се крши тркалото, таа ќе мора да пресече. Ако се прашувам јас, нашето останување овде е неминовно…се подразбира…Сериозно, мислам дека и како луѓе со личен и колективен идентитет, како личности и како македонски народ уште имаме шанса да го пресечеме разнебитувањето…Геостратешките игри се штотуку започнати, а сè допрва ќе зависи најмногу, може и единствено од нас. Туку…Ништо не кажуваш за твојата поезија.

Сирма:

-Нема што да се кажува. Работам на две збирки. Експериментирам со зборот и говорот како игри на слики и слики во игри. Најмногу меѓу светлината и темнината…Подолго се подготвувам да почнам да пишувам социјално-револуционерна поезија.

Тоа предизвика смеа кај тројцата, а Бисера со извик „Браво!“ искажа воодудшевување. Или беше иронична?

Се разделија со меѓусебни ветувања дека скоро пак ќе бидат заедно, следниот пат во „Габерија“. Би било добро Сирма да им припомогне со размислување, гледиште, може и предлог при донесувањето на животната одлука-каде да го продолжат семејниот живот.