Потребно време за читање: 3 минути

10. За идентитетот не разговарам, а камо ли да преговарам!

Ептен сериозен дијалог кој впрочем и не може да биде поинаков, а најмалку смешен или иронично-саркастичен.

На средината над сцената, која е затемнета, речиси во целосен мрак, има големо шеснаесеткрако сонце. Под него се гледаат, повеќе се наѕираат сенките на Политичарот и Експертот.

Политичарот:

Народот, поточно граѓаните ми забележуваат дека ретко те консултирам, не го слушам и послушувам твоето експертско мислење.

Експертот:

Прво мора да расчистиш кој-народот или граѓаните. Мислам дека твојот проблем како актуелен политичар е пред сè и над сè во тоа чие прашување слушаш. Да, мислам на прашувачкото препознавање.

Политичарот:

Не ми го врти решениево конечно да ти се обратам во овие пресудни моменти за земјичкава на која сме и за сонцево под кое сме. Одамна имам научено дека е едно народот, а друго граѓаните. Да се изразам фигуративно, јас сум пратеник на народот, ама како таков ги застапувам граѓаните. Зашто, како прво има и други освен мене, а како второ ние сме граѓанско општество. Според тоа, секој одделно и посебно има право да забележува, да бара, а јас обврска да го слушам и послушам.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Неколкумина од публиката почнуваат да киваат и за момент ги деконцентрираат другите. Непријатната моментна ситуација брзо се надминува со тивко и речиси незабележано излегување на кивачите, односно нивно напуштање на чинот.

Експертот:

Нека биде по твое. За што сакаш да ме консултираш?

Политичарот:

За ова со добрососедот, за неговиот билатерален проблем со името на државичкава.

Експертот:

Знам за него, ама не како таков. Тебе ти е јасно? Мене како на експерт не ми е: негов билатерален проблем?!

Политичарот:

Не велам јас, туку меѓународниот фактор. Добрососедот има проблем, а тој вели дека е и негов и наш.

Експертот:

А во што е наш?

Политичарот:

Па, токму за тоа сакам да те консултирам. Бидејќи неговиот е дефинитивно билатерален, а гледам и слушам дека и кај нас сè повеќемина го прифаќаат како таков, во што е нашиот за името?

Експертот:

Колку што следам, слушам, разбирам и знам, проблемот е во она што ти го спомнав. Препознавањето.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Политичарот:

Да, тој бара да го смениме не само името, туку и да се откажеме од националниот идентитет.

Експертот: Значи вака, многупочитуван Политичару! Меѓународниот фактор добро знае, а мора и ние да знаеме, дека името како проблем на добрососедот е ординарна глупост. Или, како што се нарекува експертски, нонсенс. А токму идентитетот како препознавање, особено ентичкиот и културниот, е билатерален. Па и мултилатерален, што ќе рече и на факторот. Во тоа е суштината на проблемот.

Во публиката молкот како ептен да натежнал. Да има макар една мува, нејзиниот лет сите би го чуле, а не би се ни помрднале од место кога би почнала да ги лази.

Политичарот:

Ако е тоа тоа, тогаш сум на јасно и сечам: за идентитетот не разговарам, а камо ли да преговарам.

Експертот:

Е, мој Политичару, тука ти го гледам неекспертското, неукото, политичарското и политикантското. Да не ме сфатиш и третираш погрешно, ама ми е драго што конечно ми дојде да ме консултираш. Повеќе поради народот отколку поради граѓаните. Тој во минатото и денес многу повеќе и почесто ги слуша учените луѓе. Поточно експертите, зашто сите учени не се и не можат да бидат експерти.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Прво научи ги разликите помеѓу разговор и преговор. Една од нив е дека разговорот никогаш не завршува со договор, а преговорот секогаш со него. Потоа почни да работиш на проблемот како билатерален, а со цел да им го вратиш на добрососедот и меѓународниот фактор само како негов. Биди дециден, принципиелен и тврдокорен односно со тврда кора: преговарај за името и мисли што компромис да направиш, а разговарај не за националниот идентитет, туку за неговото препознавање. Како отсега да биде како досега. А тоа, пак, треба да ни се препушти нам, на експертите за колективен и индивидуален идентитет.

Политичарот:

Фала ти, ептен многу ми помогна. Уште да ни светне со полн сјај шеснаесеткраково сонце!

Сонцето почнува да свети. Сенките се повлекуваат, исчезнуваат од сцената, а публиката со френетичен аплауз го проследува спуштањето на големата црвено-жолта завеса со обесено европско знаме на средината.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here