Потребно време за читање: 2 минути

19. Кловнови

На сцена пред кловновска публика разични кловнови еден по еден кажуваат во два-три збора свои размислувања и стојалишта за актуелни состојби. Како да станува збор за карневал или претстава под маски, а не е ни едното и другото. Најмногу наликува на кловновска рашомонијада.

Треба да се нагласи дека кловновската публика е крајно рамнодушна. На ничиј исказ не реагира ни со одобрување ни со негирање, со аплаудирање или свиркање.

Кловн со плачливо лице и испартален:

-Јас сум многу тажен дека сум жеден, гладен и во партали како гол. Одамна ми е паднат мрак на очи. Виновни ми се насадениве на власт за тоа, ама најмногу сум си самиот. Најмногу ме боли зашто сум ваков кловн, а не гледам дека во догледно време ќе станам макар поинаков…Насадениве на власт не ги бидува за ништо. Ни за љубов и секс меѓусебно! Ги имам видено голи и боси како се срамат од голотијата и босотијата, па неуспешно се обидуваат да се замешаат меѓу луѓе. Тие, пак, ги погледнуваат од глава до петици напоречки и одбивно, па продолжуваат по свој пат. Не знам дали и вам, ама мене оваа кловновска материјално-духовна состојба ми е неподнослива. Морам што поскоро да престанам да излегувам на сценава како кловн. Се мислам дали не ќе е најдобро да излегувам како чесен политичар.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Кловн облечен во црн фрак и со цилиндер на глава, жонглира со шарени балони:

-Јас долго време и со големо внимание следам што му прават на обичниот народ насадениве на власт, а како се однесуваат спрема оние што ги насадија. Мене сето тоа ми е како моиве балони со кои си играм како да сум ни на небо ни на земја. Сакам да речам дека некое време стојам цврсто на земја, а некое им дозволувам на балониве да ме одлепат од неа. Кога стојам цврсто на земја дозволувам тие да тргнат кон небото, дури јас ги поддувнувам, но не дозволувам да ми се откачат од раце. Само им ги менувам редоследот и висината на откаченоста. Кога, пак, им дозволувам да ме одлепат од земја жива јанѕа ме јаде да не се најде некој со игла да ми ги издупи, па тие сакале-не сакале да ми издишат. Се знае што ќе ми се случи потоа. Не ме терајте да ви покажам. Знајте дека треснувањето на земја, особено на дно на бездна е многу болно. Човек може коски да си искрши.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Од другите кловнови во преден план се најдува уште еден со лице измачкано со жолта боја, облечен во црвен комбинезон и со црвена капа на глава. Рацете му се полни со книги. Одвреме-навреме му паѓаат две-три додека збори:

-По долго и макотрпно читање книги, јас дојдов до заклучок дека ниеден кловн не смее да си дозволи да биде неук како насадените на власт и нивните политиканти. Зашто неук кловн е ист како нив. Значи, секој кловн мора да биде учен и постојано да учи. Не формално, туку суштински. Ова особено оти се знае дека секој кловн е природно чесен, искрен и надежен. И кога се смее и кога плаче.

Почнува весела музика, сите кловнови се фаќаат за раце и заигруваат лесно македонско оро.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here