Потребно време за читање: 3 минути

22. Прва согледана различност

Уште во првите денови по сместувањето во станот во квартот Вил Мари, по посетата на Невролошкиот институт, познанствата и разговорите за конкретните работни ангажмани, како и по прошетката на планината Монт-Ројал и на Стариот Град во Монтреал, на Бисера ѝ се откри и го почувствува она што го знаеше однапред: клучно за нормален живот е непречен, видлив, докажлив и беспрекорно применлив функционален систем. Нормален живот е? За Бисера нормален живот се постојани, секојдневни содржини и ритми, навики,  обичности, лично и заедничко време со ближни, блиски и познајници, утврдени ангажирано и слободно време без безделничење. А „врзовното ткиво“ на нормалноста и функционалноста на системот е целосната деполитизација. Притоа, се согласува со оние што тврдат дека не постои дневна политика, туку отровно и заразувачко политикантство.

На Viber таа, Пламен, Апостол и Ѕвездана, со вклучени камери:

-Не сум многу одушевена, возбудена ни изненадена од она што досега го видов и доживеав во Монтреал. Сè уште сосема малку. Огромен и разновиден град, специфична стара и модерна архитектура, атрактивности. Убавини на секој чекор, рамнотежа, хармонија,-вели Бисера.

Пламен:

-А што очекуваше? Како за секоја држава, мегалополис, мал град, село, и за него сè може да се прочита и види на Интернет.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман, поглавје 66

Реагира Ѕвездана:

-Да, ама непосредното доживување…

Пламен:

-Секако. Зборувај ни за него, мила моја Бисера.

Бисера со широка насмевка и весело лице:

-Да, непосредното доживување е на убавините, културата, уметноста на секој чекор…Ги посетив Монт Ројал и Стариот град. Знаете, па само ќе спомнам: Монт Ројал, западно од центарот на Монтреал, има три врвови-Колин де ла Роа или Мон Ројал, висок 233 метри, Колин д`Оутремонт или Мареј, 211 метри, и врвот Вестамунт висок 201 метар. Името Монт Ројал иде од пронајдениот минерал монтројалит. Средишниот дел е голем парк со вештачко езеро, градина со скулптури, а тука е најголемата црква во градот и Канада со огромна купола, Ораторство на Свети Јосиф. Има и болница, универзитети. Панорамата на градот од него е навистина одушевувачка. Ќе ви испратам фотографии што ги направив…Знаете за Стариот Град, една од најголемите туристички атракции на Монтреал; југоисточно од центарот, помеѓу реката Сент Лоренс и Монт Ројал, со објекти од 17. и 18. век, но и со многу модни магазини, ресторани, кафулиња. Неколку дена се шетав по неговите калдрмисани улички. Ја видов „во живо“ базиликата Нотр Дам, најстарата католичка црква во градот, со кули близначки и прекрасен витраж. Човек се чувствува мошне опуштено и задоволно на плоштадот Јасак-Картие, со градини, пазар на уметнички предмети и сувенири, кој истовремено е влез во старото пристаниште. Неодминлив е и Поан-а-Калиер, музеј на археологијата и историјата. Особен впечаток ми остави најстарата улица во Монтреал, Улицата Сент-Пол. И од Стариот Град ќе ви испратам мои фотографии.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Апостол:

-Мамо, јас и Ѕвездана веќе се договоривме. Ако во меѓувреме нешто не се смени, јас доаѓам кај тебе, а таа кај тато. Којзнае, може на крајот сите да се собереме во Монтреал, во наш нов дом.

Бисера:

-Тоа не доаѓа предвид! Со татко ви се договоривме и тој и јас привремено да бидеме во странство, па назад во Македонија. Никад нема подобро и поубаво од родната грутка. Нели, мил мој Пламен?

Пламен:

-Да, се договоривме. Заминавме, ти во Монтреал, а јас овде во Бирмингем, само за наше професионално усовршување и сигурна егзистенција што најнапред значи повисок животен семеен стандард.

Бисера:

-Пламен, мил мој, ти како во Бирмингем? Се снајде? Се стабилизира?…Не се фалиш многу.

Пламен:

-Мила моја Бисеро, за разлика од Монтреал, за Бирмингем нема многу што да се зборува. Прочитавме заедно доста на Интернет…Уште не сум го запознал целосно. Главно бизнис и трговија…Ај другпат. Во меѓувреме ќе направам и мои фотографии и ќе снимам видео клипче, па ќе ви ги испратам…Полека го фаќам „редот“ во работата…Засега е добро.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, поглавје 50

Бисера:

-Пред да завршиме, од мене уште збор-два за нешто што е според мене најважно. И за што со тебе, Пламене, во следните наши контакти сакам да промислуваме. За секојдневието на жителите и туристите во Монтреал. Сега само колку да те поттикнам на размислување.

Овде се живее полн живот и се работи беспрекорно, без загриженост, без какава било оптовареност. Баш удобно. Тоа значи спокојно, видливо радосно, во постојан ритам и спонтано. Лесно се открива зошто и како. Монтреал е како ретко која метропола на светот со беспрекорно функционален систем составен од потсистеми кои функционираат самостојно и наспоредно, но едновремено се испреплетуваат надополнувајќи се. Најважно од сè е што и системот и потсистемите функционираат незабележливо, без какво било наметнување или навалување, загрозување на личната слобода. Замисли: овде не можеш да го слушнеш  ни зборот „политика“! Никој не се интересира за неа! Ретко може понешто да се слушне во специјализирани, тематски дебатни емисии на телевизија и радио, да се прочита во весник. Но, ако се спореди со сеопштата политизација кај нас, во Македонија, во Монтреал политиката просто не постои.

Пламен:
-Тоа исто и во Бирмингем.

Се поздравија и ја прекинаа Viber-овската комуникација.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here