Потребно време за читање: 3 минути

35. По многу години

Монолог

Многу е испишано и е многу искажано за непорочната љубов. Пред сè како неприкосновена и неповторлива. Но, сè досега ни слово ни збор за нашава беспримерна. Дури и од нас, овде испишаново и искажаново, е многу малку. Речиси ништо. Затоа што е тоа невозможно? Како невозможно?! Ќе да е само затоа што е беспримерна, а како сè друго и таа како токму таква е неиспишана и неискажана. Секое трудење, вклучително нашево, може да успее само како почеток. Како почетна буква и збор на почеток. Тоа доволно? Никако не! Најпрвин затоа што не се и не можат да бидат каков-годе предизвик за продолжение.  Докажано и сега, по многу наши години.

Секоја, па и нашата беспримерна непорочна љубов не успеа да ги надмине, конечно да ги порази самотноста, празнината, тишината и молкот во себе. Залудни беа, залудни се, веќе е несомнено дека и ќе бидат залудни какви било наши обиди да остане што е. Не само за нас, туку и за секој далечен и оддалечен од домашното огниште. Не станува збор за чувствувањето и доживувањето, ниту за врзаноста и поврзаноста. Залудноста иде од единствен род кој далечен и оддалечен ја носи нашата, но во исто време раѓа, одгледува, гради и надградува своја непорочна љубов. Заедно со свој свет. Сосе надежта дека е беспримерна. Иста како нашата.

Како тоа нашата беспримерна непорочна љубов не успеа? Макар како минато, ако не и како сегашност и иднина? Просто е: ти замина во вечноста и бесконечноста, а јас сум уште на овој свет. Жив, но веќе не и животворен. Обессилен? Може да се рече. Безнадежен? Може да се рече. Бесцелен? Може да се рече. Мора да се дорече зашто не може да не е, сè додека и јас не заминам во неврат и можеби да ти се приклучам во вечноста и бесконечноста: со непоразени самотност, празнина, тишина и молк во себе.

За сè, а најмногу за љубов како нашата особено значат далечноста и оддалеченоста од домашното огниште. Светот е безграничен и просторно и временски, глобален и поврзан деноноќно, но можеби токму затоа секоја љубов, а особено непорочната не би смеела да го заборави домашното огниште. Особено да дозволи да угасне огнот во него, да го обземе и обезличи студенина.

Стојам пред него како предаден на минливоста, надевајќи се дека скоро ќе ми дојде мигот на смртта. Сеедно каде како последен жив под ова некогаш наше, а од неодамна само мое ведро небо. Сеедно дали на виделина или во мрачнина. Нема кој да ме однесе до тебе, да ме внесе в земја, до тебе, да ме покрие со заборав? Што дека! Јас и ти и овде, пред нашево домашно огниште бевме и пак ќе бидеме заедно.

Веќе ни слово ни збор како монолог за нашата беспримерна непорочна љубов. Само ова пред нашиот последен дијалог и  пред точка на сè: катаден ја гледам младава дабова фиданка и сè повеќе ме загрижува тоа дека очигледно престанало да расте откако те нема и откако почнаа да пресушуваат нашите корени.           

Дијалог

Ти љубов:

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 27

-Ние бевме, сме, секогаш ќе бидеме заедно и едно. Заедно во чекорењето низ животот, затоа стамено, затоа предвидливо и кон согледлива цел, едно како создателно постоење и откривање на траги во наше време.

Јас љубов:

-Отсекогаш бевме, сме, секогаш ќе бидеме заедно засекогаш. Уште од пред да се познаваме како еден со друг и еден за друг. Близоста ни беше суштествена за почеток, исто колку нашето извишување за продолжение до крај. Откога заврши моето време како дел од нашето, откога угаснав спокојно и тивко, откога сум без тебе се обидувам да ја дефинирам непорочната љубов како беспримерна, нашава. Но, признавам дека досега тоа не ми успеало.

Ти љубов:

-Не треба ни да се обидуваш. Зошто се измачуваш кога нема потреба? Таа е докажана, ја докажавме, а доволно е што никоја друга според ништо и во ништо не личи на неа. Дека е неповторлива. Треба заедно и да ја браниме нејзината таинственост.

Прочитај и за ... >>  МОНОЛОЗИ И ДИЈАЛОЗИ НА БЕСПРИМЕРНА НЕПОРОЧНА ЉУБОВ, поетски роман, 6

Јас љубов:

-Се обидувам затоа што сметам дека треба да им биде водилка низ животот на луѓето заедно. Која постојано ги придвижува напред, и тоа пред сè како творечка енергија. Докажувајќи се како личности.

Ти љубов:

-Ете, ја дефинира. Мошне прецизно…Во секој миг во кој сме заедно мислам и на нашата Кибела…Далечна и оддалечена…Додека уште беше жива ни доаѓаше, го посетуваше нашето домашно огниште, но откога не си таа доаѓа сè поретко…И се слушаме сè поретко…

Јас љубов:

-Има своја непорочна љубов…Беспримерна…Свој живот…Јас угаснав, гаснеш и ти…

Ти љубов:

-Мислам дека скоро ќе угасне огнот во нашето огниште…Ќе нема кој да го одржува…како последен…А баш непорочната љубов како беспримерна е единствена што може не само да го одржи, туку и да го продолжи. Таа го има својот Ил…Имаат свое домашно огниште и неугаслив оган во него. Сè додека се заедно живи, но и потоа. Додека еден од нив е жив.