Потребно време за читање: 4 минути

7.

Мислам дека задоцнетото умирање им создава најголеми проблеми и на живите и на умрените. Тие, пак, се проследени со долготрајно измачување, жалење, па и патење. Не го мислам тоа зашто јас сум жив пример, туку затоа што додека бев жив присуствував на неколку такви. На едно дури бев непосреден учесник, ако може да се рече така.

Што е и какво е задоцнетото умирање? Мене ми е најблиску до одложување за продолжување. Одложување на неминовна смрт за продолжување на живот. Притоа, најчесто одложувањето е повеќе посакувано од живите, а продолжувањето не му значи којзнае што на тој што конечно мора да умре; евентуално ако му треба уште некое време за да доврши нешто, а смета дека не треба да остане недовршено. Јас, Ристо од Петар, сум жив пример за тоа. Што сакам да кажам? Сакам да кажам дека живите, многу ретко се случува да станува збор за само еден жив, се надеваат дека одложувајќи ја смртта може да се изнајде начин односно лек таа да се порази. Доколку има начин односно лек, тогаш таа не ни дошла прерано, навреме или задоцнето. Во тој случај никој не ни помислува на неа. Значи, кога е збор за задоцнетото умирање клучни се неминовната смрт и залудното надевање. Обете осознаени, со свест за нив. Неминовноста предизвикува рамнодушност, прилагодливост и помирливост, а залудното надевање грижа и сожалување. Јас, пак, акцентот го ставам на долготрајното измачување, жалење, па и патење.

Јас, Ристо од Петар, сум жив пример на задоцнето умирање. Но, пред да го раскажам сакам да го прикажам во два-три збора она на кое му бев непосреден учесник, ако може така да се рече:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Михаил е во гроб речиси два километра од мојот и е меѓу поновите. Сè уште е сам во него. Не очекува скоро да му се придружи некој ближен. Го знам само по име. Додека се дружевме кратко не ми кажа од кого е. Сега има педесет и девет години, а кога умре имаше педесет и седум и три месеци. Да, нашата повремена дружба траеше кратко, една пролет. Се сретнавме во парк, на клупа под бела топола. И сега, како мртви се среќаваме. Тој поначесто иде кај мене отколку што јас идам кај него. Разговараме за сè и сешто.

Михаил умре задоцнето. Не знаеше како се вика болештината што незнајно му ја нападнала сржта во коските. Не сакал да знае. Судејќи според неговото опишување на симптомите, ќе да беше рак односно хронична леукемија. Му предлагале лечење со хемотерпија, но тој одбил. Ближните и пријателите се обиделе да му помогнат кој како знаел, иако знаеле дека не можат никако. И во тоа е задоцнетата смрт. Болките му се зголемувале, станувале сè потешко подносливи, а тие обидувајќи се да му ги смират некогаш и со принуда му внесувале во снагата (со инјектирање).

Подолго време не се дружевме, па го побарав по телефон:

-А бе кај си, Михаил? Никаде те нема! Ни да се видиме ни да се чуеме! Се случува нешто?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Зборуваше тешко, испрекинато, со длабоки воздиви меѓу зборовите:

-Умирам, пријателе.

Се вџасив:

-Што зборуваш?! Какво умирање?

-Тој:

-Од долга и тешка болештина. Не знам како ја викаат. Јас сакам да умрам, ама ближните и пријателите ми ја одлагаат смртта, ми ја прават задоцнета…Ај дојди кај мене. Те чекам.

Му појдов дома. Лежеше на смртна постела. Долго чекав да ги отвори очите, да се поздравиме. Само рече:

-Пријателе, помагај. Натерај ги насобранине во дневнана соба да ме остават на мира. Доволно ми ја задоцнија смртта.

Отидов, им реков дека Михаил сака да заминат, да се разотидат и сака да биде насамо со мене. Прифатија.

Последните негови зборови што сега, откога сме обајцата мртви, при среќавањата ми ги повторува:

-Фала ти, пријателе, што ми помогна да умрам макар задоцнето.

Сега мојата задоцнета смрт заради довршување на дело кое и сега како мртов сметам дека никако не требаше да остане недовршено.

Да повторам, јас, Ристо од Петар, како жив бев сликар и сум тоа како мртов. За мојата задоцнета смрт најмногу придонесе мојата сè уште жива животна сопатничка, Јасна од Спасе. (Веќе наспомнав дека живее сама, а ѝ дава смисла на мојата смрт нашата неугаслива љубов сосе минатото; со дела во кои се вградивме заедно; јас како сликар, а таа како вајар.)

Патем, во врска со неа да не останам недоречен и да не биде збунувачко:

Како што веќе кажав, син ми Јане и снаата Борјана ми идат на гробов одвреме-навреме, но сè поретко. Го чистат, го метат, го бришат, ставаат на надгробната плоча свежо цвеќе и палат свеќи. Неугасливата љубов меѓу мојата животна сопатничка, Јасна од Спасе, е без наша рожба. Тоа значи дека Јане ми е со друга. Откривам: четири години бев во брак со Магда од Насто, а ме напушти, просто исчезна едно утро оставајќи ми го Јане на две години; го изгледавме, го пораснавме, го школувавме, го направивме човек јас, мајка ми Славјанка од Владимир и татко ми Петар од Славе, Бог да ги прости; тие не ја дочекаа неговата женидба со Борјана.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Мојата задоцнета смрт е директо поврзана со срцето. Не, не доживеав инфаркт, туку живеев предолго со негово бавно и несетно, па забрзано и незадржливо гаснење. (Тогаш не се ни помислуваше на замена со друго, вештачко или донирачко.) Предолго значи задоцнето? И да и не. Значи зашто цело време бев свесен дека нешто не е в ред со него, но бев убеден дека само го преморувам со деноноќна работа-сликањето (кога одморав немав проблем), а не значи откога со комплетен кардио преглед се откри дека станува збор за хронична срцева слабост која со време ќе може сè потешко да се контролира со некакво лечење и некои лекови.

Пред да ми згасне срцето, два дена и три ноќи без престан работев на платно шест метри долго и четири метри широко. Со чисти и силни бои раскажував една непорочна љубов. Успеав. Ми помагаше Јасна со забелешки и сугестии баш како вајар-во вајањето на ликовите. Умрев само неколку часа откако го завршив.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here