Безработицата или невработеноста е присутна во поголема или помара мера во секое општество, во сите држави, без можност целосно да се совлада. Се чини дека ќе остане макар во најмал процент и во која било форма како загрозувачки придружник во животниот, а пред сѐ на работниот циклус на човекот. Заложбите и активностите на секоја власт, на секоја влада се таа да се намалува, да се намали до поднослив процент кој нема да го загрози севкупниот развој, а од друга страна да не предизвикува егзистенцијални, социјално-економски и секакви други лични и колективни проблеми.
Невработеноста е средишен проблем на современите пазарни економии. Кога е висока, ресурсите се растураат, а надниците, платите-личните доходи на луѓето паѓаат. Се разбира, во текот на тие периоди економските невољи ги погаѓаат и ги чувствуваат луѓето и нивните семејни животи.
Високата невработеност влијае врз намалувањето на БДП (Бруто домашен производ), а тоа значи дека не се користат ресурсите колку што е тоа можно, па не постои можност да се произведуваат добра и услуги кои ќе им овозможат на луѓето да преживуваат и уживаат. Загубите во период на висока невработеност се најголеми документирани загуби во современата економија.
Иако економскиот трошок на невработеноста е висок, какви било пари не можат адекватно да ги прикажат хуманиот, социјалниот и психолошкиот данок во периодите на трајна принудна невработеност. Психолошки студии укажуваат дека отпуштањето од работа е еднаков травматски настан како и смрт на близок пријател или неуспех на училиште. Невработеноста неретко доведува до губење на самопочитта, до одредени ментални болести, проблеми во рамките на семејството и распаѓање на бракови. Утврдена е поврзаност помеѓу растот на стапката на невработеност и растот на стапките на криминалитетот и самоубиствата.
Што е безработица или невработеност (англ. unemployment, фр. chomage, ит. disoccupazione, гер. Arbeitslosigkeit)?
Станува збор за состојба кога работоспособни лица што сакаат да работат и бараат работа според своите знаења-стручност, способности и искуство, немаат можност да ја најдат за да се вработат и да обезбедат наемнина, плата-личен доход или некој друг надомест за својот труд, а за да обезбедат издршка за себе и за своето семејство. Невработени лица се постари од 16 години.
Со апсолутна невработеност го нарекуваме точниот број на невработени лица, а со релативна стапката на невработеност, односно соодносот помеѓу невработените лица и работната сила. Притоа под работна сила се смета збирот на вработени и невработени.
Невработеноста се искажува со тн. стапка на невработеност, која претставува број на невработени работници поделен со вкупниот број на работоспособно население (работоспособни се сметаат лица помеѓу 16 и 65 години). Се искажува во проценти.
Безработицата добива форма на релативен вишок на население. Постојат две основни причини за неа:
1. Цикличен карактер на стоковото производство.
Промените во стопанската активност во определена пропорција се одразуваат на вработеноста и невработеноста. Во услови на криза (рецесија) невработеноста е висока, а во услови на подем е најниска.
2. Техничко- технолошки развој, односно акумулација со зголемен органски состав на капиталот.
Со воведувањето на помодерни и пософистицирани техники и технологии во производството настанува релативно намалување на побарувачката за работна сила. Се јавува технолошка невработеност или технолошки вишок на работна сила.
Се разликуваат следните форми на невработеност: циклична (доброволна и принудна), технолошка, фрикциска, стагнатна, структурна, течна, латентна или прикриена, сезонска, аграрна пренаселеност.
Цикличката постои кога вкупната побарувачка за работа е ниска. Тоа значи дека вкупната потрошвуачка и аутпутот паѓаат, па невработеноста расте практично секаде.
Фрикциската невработеност настанува поради непрестано движење на луѓето помеѓу региони и работни места или низ различни фази на животниот циклус. Бидејќи фрикциско невработените работници често ги менуваат работните места или бараат подобри, некогаш се смета дека се тие доброволно невработени.
Структурната невработеност означува расчекор помеѓу понудата и побарувачката за работници. Тој може да настане затоа што побарувачката за еден вид на работа расте, додека за некој друг вид се намалува, а понудата не се прилагодува брзо.
Кај земјите во развој безработицата се јавува на специфичен начин: поради наследената заостаната структура во стопанството, скудност на капитал и неможност скоро да се создадат продуктивни работни места, од техничко-технолошкиот развој што релативно ја намалува побарувачката за работна сила, од несоодветната економска политика, од некористењето на повеќе смени во текот на денот и др.
Освен видливата, беазработицата се јавува и во скриена форма. Видливата се искажува со бројот на оние што се регистрирани дека бараат работа; невидливата-скриената, пак, преку тоа што стопанските и нестопанските субјекти употребуваат повеќе работна сила отколку што тоа го бараат трехничко-технолошките мерила, па привидно изгледа дека бројот на вработените е помал. Скриената уште се нарекува економски вишок на работна сила, што влијае врз продуктивноста на трудот, економичноста, рентабилноста и мотивираноста на вработените за работа.
Извор: фото