Потребно време за читање: 4 минути

15.

Ристо од Петар, дамна мртов и како мртов жив меѓу мртвите кога ќе посака, исто како меѓу молк и тишина, е сериозен и замислен. Напати загрижен, разочаран и по малку нервозен. Како да има некоја голема тежина во коските. Како да има потреба да сретне некого меѓу живите, да разговара, всушност да му се исповеда и да си олесни. Брчките на челото како да му се подлабоки од вообичаено, како длабоки бразди. Лузните на образите се исто така поизразити од вообичаено, како скоро да ќе му се парчосаат. Како да почнал да се обезличува. Во очите без зеници како да навлегла сончевина, а одвреме-навреме како во нив да се раѓаат молскавици.

На последната улица меѓу старите и новите гробишта, која е всушност граница меѓу нив, го среќава Наум од Благој кој почина од непозната заразна болест. Тој е сигурен дека му влегла под кожа кога отишол на Зеленчуковиот пазар да купи неколку низи црвени лути везенки. Толку многу ги сака што ги јаде без ништо друго, и тоа секогаш една дневно. Во меѓувреме разбрал дека токму продавачот на везенките ја носел заразата без да знае. Ристо од Петар е еден од ретките кои знаат дека Наум од Благој е голем поет. Тоа е затоа што не објавил ниту стих од својата поезија, иако му барале. Еден книгоиздавач не успеал да го измоли да стокми барем само една стихозбирка. Па како познат на малкумина, особено непознат за критичарите и теоретичарите односно познавачите на поетиките во минатото и денес, како и на поетесите и поетите, почина непризнаен, како обичен мал човек. Неговиот гроб е на новите гробишта, на крајот на нивната источна страна. Сè уште необележан со негово име, презиме и години на раѓање и смрт. (Ристо од Петар смета дека треба да му се обележат и годините на умирање, со оглед на четирите години ни жив ни мртов.)

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Наум од Благој го прашува што му е, а Ристо од Петар му одговара гласито, дури налутено, како тој да му е виновен за нешто:

-Јас скоро ќе одбележам четириесет и шест години и веќе сум рекол дека нема никако да ги одбележам. Просто затоа што додека бев жив сликар не се сметав себеси како некоја видна личност или творец, а не се сметам ни сега во светов на мртвите. Па, како таков мислам дека точно согледувам една појава што ја прифаќам од една страна, а од друга не; поради што сум каков што ме гледаш-сериозен, замислен, напати загрижен, разочаран и по малку нервозен: од ден на ден сè поголемо лицемерие во живите луѓе, но и во мртвите како живи. Твоето погребување, на кое присуствував токму за да го затврдам тоа согледување, како и погребувањето на Маја од Андон вчера, уште повеќе ме прави каков што ме гледаш и чувствуваш: и на твоето и на нејзиното присуствувавме само јас и една односно еден ближен: твојата Роза од Ѕвездан и нејзиниот Јане од Костадин. Така сте решиле и ти и таа, таков аманет сте оставиле. Што е в ред, го разбирам сосем. Меѓутоа, кога на тоа никој не се ни заниша, сите ваши блиски, далечни и оние што треба да знаат да ги препознаваат, да ги признаваат и почитуваат продолжуваат со својата рамнодушност, дека тоа ништо не им кажува или укажува, стравувам дека лицемерието во нив дефинитивно ги поразило. Не ни помислуваат да домислат, да изнајдат начин и форма да го обзнанат исчезнувањето. Барем на видни личности, мислечки луѓе, учени, научници, истражувачи, творци, оние што со своето дејствување и со своите дела го придвижуиваат светот напред.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Наум од Благој:

-Јас мислам дека грешиш. Лицемерието ги поразило дамна, уште откога се случија првите случаи како мојот и на Маја од Андон. Се случија и се случуваат сè повеќе спрема уште живи, за време на умирачката или во мигот на смртта. Замисли го ова: некако се дознава дека на некој непризнаен и ним незнаен, а заслужен деец или творец му почнала умирачката и тие брзаат да му доделат некаква награда, неретко највисока општествена.

Ристо од Петар:

-Да, стварно големо лицемерие. А дали можеш да разбереш и да објасниш зошто тој го прима? Зошто не го одбие? Дури со презир? Не верувам дека му значи нешто, особено ако е свесен дека умира и ќе умре скоро. Зошто?

Наум од Благој го загледува, се замислува неколку мига, му се поднасмевнува, па му одговара:

-За мене тоа е исто, може и поголемо лицемерие. Зарем верува дека таа награда односно признание доделено предоцна ќе му користи во светов на мртвиве или во неговите два метра под земја? Или можеби мисли дека со тоа ги поразува тие што му го доделуваат?! Не научил дури бил жив дека лицемерен не може да се порази?…А да те прашам јас тебе, Ристо од Петар: зошто го создаваш ова твое дело како мртов и мртов како жив? За да се знае дека си меѓу молк и тишина?

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Ристо од Петар:

-Реков на почетокот од создавањево: затоа што како мртов потонав во заборав на моите сè уште живи блиски и далечни. Не сум ни сигурен дека ќе биде животворно.

Наум од Благој:

-Но и призна дека твоите мртви современици многу се израдувале, просто си ги развеселил. Си видел дека дури заиграле свои игри кога разбрале за твојот наум.

Ристо од Петар:

-Но и ги растажив малку потсетувајќи ги дека ништо мртов не може ни да почне ни да заврши зашто мртвите се безвремени, освен ако настанатото излезе на виделина. Тие се согласија со мене дека почетокот и крајот на што било од нас не значи баш ништо.

Наум од Благој:

-Да, и се приклучи на радувањето и веселењето играјќи своја игра покрај нивните. Да знаеш, тие како лицемерни не го прифатија твоето предупредување дека е не само просто невозможно, туку е и бесцелно да се случи да оживееш. Особено зашто си дамна мртов.

Ристо од Петар по подолго заедничко молчење:

-Мисли ти како што мислиш, но јас мислам дека во живите сè повеќе ќе надвладува рамнодушноста поради чија било смрт. Што е можеби подобро од лицемерието.

Се поздравија и секој замина во своето живеалиште како мртви.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here