27. Преживувања
Него го паметам како немошен старец, облечен во излитена, крпена и валкана облека-маслинести пантолони, волнен шарен џемпер и шинел, а нозете во цокули без врвки, среде Мраморниот пешачки мост над Отруена река. Од рана пролет до доцна есен. Не паметам од кога точно, сигурно од пред седум-осум, па и девет години. Никогаш не го прашав каде и како ја минува зимата, па не знам. Ниту за името, презимето или како го викаат.
Од многуте запаметени куси разговори, всушност мои прашања и негови одговори, најмногу ми се повторува овој за неговото живуркање. Можеби поради краткоста-две мои прашања во едно и еден негов одговор.
Јас:
-Од кога преживуваш вака, пријателе? Колку и какви си преживеал до ова?
Тој:
-Вака веќе дванаесет години. Пред ова две, сосем инакви, полесни. Едното ми траеше шеснаесет години, во колиба в шума, а другото деветнаесет, меѓу бедници. Само да паметиш: и ова ми е и двете пред него ми беа слободни, независни, никогаш самотни; секогаш со луѓе самосвесни, достоинствени, сите човечни. Какви ми беа двете пред ова? Првото со работа и создавање, здрав, снажен, а второто гладен, жеден,слабикав, но цврсто на нозе и во молк.