Потребно време за читање: < 1 минута

109. Моето радио-новинарство

За радиото и моето радио-новинарство зборувам нерадо. (Веќе со години радио воопшто не слушам.) Затоа што му дадов/подарив (пре)многу творечка и работна енергија, создадов многу радио-проекти од различни области и жанри, а тоа ми „возврати“ со…пензионерско живуркање.

Што се однесува на радио-проектот „Радио Урнебес“, единствено ми значи како простор и време за создавање на не мал број сатирични, сатирично-хумористични и афористични дела, со заеднички наслов „Шило и осило“. Имено, во нив се најголемиот број авторски „прилози“ емитувани во негови „рамки“.

Сметам дека имам остварено/реализирано многу посложени и пообемни емисии, програми и проекти од тн. јавен интерес, кои ме профилираа како исклучителен радиомен (без лажна скромност): едукативно-забавната радио-енциклопедија „Паноптикум“; комплетното осмислување и профилирање на вториот канал на Македонското радио со наслов „Радио Херц“ (како Одговорен уредник); комплетното осмислување, профилирање и реализација на информативно-едукативно-забавното приватно радио „Евергрин Гром радио“ (како негов сопственик)…

А „круна“ на мојата посветеност на радиото како медиум е мојата единствена научна студија „Аспекти на модерното радио-Радио на современата модерност“, објавена на Интернет. Станува збор за студија што ја пишував/пишувам повеќе од три децении, во која обработувам многу прашања, проблеми и дилеми што се однесуваат на професионалното радио новинарство и на радиото како мас-медиум; со константните и менливите програмски, структурни/концепциски елементи, како и неговото аудио дизајнерство. Во кое го вградив моето теоретско знаење и 40-годишното радио искуство, со користење на сознанија, промислувања и ставови во многу други научни области (комуникологија, естетика, филозофија, теорија на информации и комуникациски системи, теорија на јазикот, теорија на говорните чинови и др.)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here