Потребно време за читање: 2 минути

121. Семејно разнебитување

Еве прашања, поточно два големи семејни проблема; многу големи, некаде и најголеми, а на кои сѐ уште малку, речиси вооопшто не им посветуваме внимание: алчноста и завидливоста. Јас ги поставувам како семејни односно колективни, а всушност се индивидуални.

Тоа значи дека мислам на нешто сосем конкретно што знае да го разниша, дури да го разнебити семејството: делба на имот додека е живот, на оставнина по смрт.

Не се сеќавам на ниедно книжевно дело, раказ, роман, драма, посветено на ова, иако можам да се пофалам дека сум прочитал илјадници и катадневно читам. Да, сум ја среќавал како епизодна тема или придружена на „обработка“ на состојби, ситуации, настани и случувања во семеен живот, ама не како стожерна или единствена.

И јас имам „понешто“ напишано во моите поетски и прозни книжевни дела за алчноста и зависноста при, во или по делба на оставнина по смрт на ближен. Сега си давам задача да им посветам идно, скорашно прозно дело, можеби нов роман.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Во белешкава најавувам дека веќе ги имам „разработено“ во прилично детална скица како голема тема. Со „логичен“ трагичен крај.

Овде нешто конкретно? Може во два-три збора токму крајот: поделба на мал и безначаен имот за време на живот што по смрт ќе предизвика закрвени односи на ближни до нивна меѓусебно незнајна смрт.

Додека не почнам да го пишувам делото, ајде заедно да се запрашаме и да промислиме: дали алчноста и завидливоста во нашиов семеен „модерен живот“ се од неговите кулминативни точки?

И токму сега, како продолжение на промислувањево, накусо дејствие (единствено) на „романов“, доколку се согласуваме дека тој не бидува без тоа. Може да значи и пролегомена на најавениот:

Јас како книжевник и Јас како обичен смртник беа во години кога почина татко им. Шеесет и седум секакви, и тешки и лесни. Не помина многу време, само четири ипол месеци кога решија да ја повикаат единствената роднина од Канада, сестра им Спасија; две години помлада од нив, мажена за Гордон Јонов, Канаѓанец со македонски корени, без рожба; за да го поделат имотот што им го остави неподелен и без завештание. Мал и безначаен за сите: куќа во приградска населба со приземје и кат, со мал двор пред неа, опремена со безвреден стар, расклатен и испокршен мебел; витрина преполна со книги којзнае од кога неземени в раце, може никогаш непрочитани. Јас книжевник и Јас обичен смртник проценија дека единствено таа има вредност. Беа радосни кога Спасија не покажа никаков интерес за неа.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Не се договорија како да ја поделат куќата. Најпрвин дали на два или три дела. На Спасија ѝ беше сосем неприфатливо и неразбирливо брат ѝ да ѝ се прикажува и докажува како двајца; тоа е негова работа, може да се замислува и чувствува и како тројца, четворица, колку сака; го припишуваше на неговата посветеност на книжевно-новинарската работа. Јас како книжевник и Јас обичен смртник ѝ префрлија дека како имашна не би требало да се граба за нешто што не вреди. Таа возврати дека е тоа нејзина работа. Тоа што ѝ припаѓа треба да биде нејзино, и точка. Конечно се согласија дека не треба да дозволат куќата и сè во неа да предизвика уште поголемо закрвување на односите на ближни сè до нивна забрзана меѓусебно незнајна смрт.

Куќата почна да живее сама, во заборав. Всушност, да живурка и да се запустува. Без витрината преполна со книги.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here