Потребно време за читање: 2 минути

17. Од животописот на Јас обичен смртник

Штом писателот ќе вгради во свое дело што било од детството и младоста, тоа значи дека се откажал од него. Освен ако е збор за биографско, без оглед дали е напишано во прво или во трето лице. Тоа еднакво се однесува на мене, и во прозата и во поезијата. Разликата од други е можеби оти станува збор за многу малку случено во тие периоди. Најмногу од игрите, а што се одрази и на моите стојалишта за создавањето воопшто, посебно на поезијата.

Еве од мојот животопис:

Имам многу малку, главно безначајни приклученија од раната младост. Поврзани со определбите и желбите, образованието, малите љубови и големата-единствената што ми започна на самиот почеток од зрелото доба (студирањето), трае до ден-денес и секако ќе трае до умирачка.

Од определбите и желбите една е прилично „последична“-пеењето, школувањето на гласот до незрелата професионална, па и животна ориентација, неподржана од моите родители. Во два-три збора:

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Имав извонреден глас, втор тенор. Пеев во хорот на мојата гимназија („Георги Димитров“ во Скопје), подоцна во академскиот хор „Мирче Ацев“. Дури бев солист во некои изведби на дела на концерти.

Од гимназискиот професор по музика бев испратен на аудиција за прием во музичката академија во Скопје која беше во формирање. По неа членовите на комисијата ме прашаа што ќе студирам, а јас без двојба одговорив „Економија!“. На нивната зачуденост и прашањето „Зошто не соло пеење?“ одговорив како што ме „подучија“ моите родители: дека „нема леб од пеење“, туку „занимавањето со економија“ обезбедува сигурна егзистенција и добар животен стандард. Не, не им забележувам, во тоа време доминантни беа таквите размислувања и ставови.

Но не е само тоа.

Речиси двегодишното членување во академскиот хор „Мирче Ацев“ (диригент Драги Шуплевски), интензивни вежби и настапи (и како солист во две-три музички дела) го „пресеков“ откако го доживеав како тежок пораз (по интензивни подготовки) моето „бришење“ од турнеја во Полска (на мое место повикаа солист од Операта). Долго потоа ме бараа да се вратам (лично Шуплевски), ме убедуваа, но „пресекувањето“ е моја карактерна особина докажана многупати во животот.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

За „последичноста“ на мојата музичка „кариера“: според многумина што ме слушаа имав „пријатен, мелодичен, звучен, ритмички, разигран“…радио глас, „незаборавно“ радио водителство.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here