Потребно време за читање: < 1 минута

18. Доживотна мисла

Која е, длабока ли е,
долговечна ли е таа
доживотна мисла
на човек што стои
во место долго,
та предолго,
како пред решителен
прв чекор во живот?

Излегува од него
обграден
од сал неколку збора
зашто тишината
на неговиот свет
длабоко навлегла
меѓу коските без име
и без глас.

Излегува од него,
а никој да ја слушне,
а никој да ја прибере
во своја промисла
за што-годе пред луѓе
самотни.

Имал човеков
што стои во место
долго, та предолго,
многу свои мисли
обградени
од сал неколку збора
за сè и сешто,
со кои докажувал
дека вистината има
најголема вредност
во минливоста,
меѓу дребностите
на сечиј живот;
со кои предупредувал
на можни, неразбирливи
и неразумни собитија,
совладувајќи народ
исконски
и негова исконска земја.

Долговечна мисла
на човек
како пред решителен
прв чекор во живот:

„Во жив простор живо време
живее живо и животворно
како живожарица;
светлина која никој
никогаш нема да ја угасне“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here