Потребно време за читање: 4 минути

70. Одлука

Вечер пред ден на замин или последно враќање на Бисера во Монтреал. Сите во дневната соба на нивното живеалиште-куќата во елитната скопска населба „Габерија“: Бисера, Пламен, Ѕвeздана, Апостол и втората братучеда на Бисера, Славка, Атмосферата опуштена, но не со некоја изразита расположба. Одвај забележлива напнатост, повеќе нелагодност на лицата и во држењето на телата на Бисера и Пламен.

Прва проговорува Бисера, со по малку решителен глас:

-Јас утре се враќам во Монтреал. Ми завршија слободните денови, па ме чекаат во компанијата. Сега мора да одлучиме што и како натаму…Мислам дека сите сме со став оти одлуката треба да биде дефинитивна и ако може едногласна. Но, може да ја донесеме и со надгласување. За мене тоа не е проблем. Јас прва велам: сите заедно во Канада. Не мора во Монтреал. Би можела да обезбедам живеалиште и во друг град, на пример во Торонто. Многу е полесно во некој помал град и кај што има поголема македонска заедница…Изјаснете се, па после јас ќе образложувам, ќе докажувам со аргументи и факти. Ако треба и ќе се спротивставувам и ќе се бранам.

Пламен:

-Добро, нека е по „семеен“ ред. Мислам дека ви е познат мојот дециден став: остануваме овде, во нашава Македонија. Едноставно, странство не ни треба. Кариерните амбиции можеме да ги остваруваме и овде и одовде. Живееме во глобален свет, што значи отворен, со многу можности, непречени од ништо и од никого.

Ѝ се обраќа на Бисера:

-Ете, јас и ти Бисера се обидовме. Колку успеавме и не успеавме, толку беше. Знаеш, јас овде пак почнав. Пак приватно. Те запознав со партнерот и колегите  во агенцијата, која скоро ќе прерасне во градежна компанија. Сигурен сум дека и за тебе е предизвик, па очекувам да се приклучиш, да се ангажираш…Овојпат сигурно ќе успееме. Други се состојбите од времето кога ни пропадна бизнисот. Приватизацијата веќе се „стабилизира“, веќе стана основа на лична и колективна егзистенција, а во државава и општествово следат многу процеси од кои еден сум сигурен дека пак ќе нè ангажира политички: деполитизација. И тоа не со зачленување во некоја партија или граѓанска организација, туку во движење кое би можеле ние сами да го иницираме и придвижиме.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Бисера со воздржано нервозен глас:

-Ти се чудам, Пламене мој, како можеш толку оптимистички да гледаш на Македонија, на нашата иднина, на личните кариери и амбиции на секој од нас! Како да не гледаш и не слушаш што се случува. Најпрвин разнебитување на македонскиот народ, речиси завршен процес, па партократија со ништење на демократијата во сите сфери, држава на мафија, масовен егзодус, и на млади и на стари, бедна, мизерна живеачка…А ти збориш за деполитизација.

Пламен:

-Ај како што самата нагласи, прво да се изјасниме сите, па после ќе образложуваме, ќе аргументираме, ќе расправаме, ако треба и ќе се расправаме. Ѕвездана?

Ѕвездана кусо молчи, па проговорува гледајќи ту во Бисера, ту во Пламен:

-Пред да заклучам, да изградам цврст став, најмногу размислував за извесноста и неизвесноста во своја и во туѓа земја. Притоа, најмногу ми се наметнуваше едно прашање: дали се тие исти, со иста тежина ако ти е исто во своја и туѓа земја; без оглед на нивото на развиеност, стандардот, квалитетот на животот, можностите за личен напредок. И при секој обид да си одговорам, запирав пред разликувањето на своја и туѓа земја. Има разлика? Има не една, а многу и големи: во своја земја најпрвин си свој на свое, а во туѓа си туѓ дури си жив; во своја ти се корените, а во туѓа и ти и твое блиско и далечно потомство не можат да се вкоренат; во своја можеш многу нешта да прилагодиш на себеси, а во туѓа се прилагодуваш на сè. Има и други, разлики, но последната, според мене најважна: од своја земја црпиш сила и енергија, а туѓа ти одзема до премалување. Можам да конкретизирам…За мене лично веќе постои знак на равенство меѓу глобалниот и локалниот свет. Тие веќе со ништо и во ништо не се судираат меѓусебно. Напротив, дури сметам дека локалниот свет повеќе го богати глобалниот одошто обратно. Да, мислам на мултикултурализмот кој урива какви било пречки и деструкции… Сум за живот овде, во мојава, во нашава татковина, а не каде било во странство, просто затоа што и одовде немам никаков проблем да градам меѓународна музичка кариера. Не знам кога последен пат сте ги гледале моите досегашни концерти поставени на Интернет, на YouTube. Бројот на оние што ги гледале, ги следеле, ги слушале и ги коментирале е огромен. Проверете сами. А се јавуваат и со покани за мој настап во блиски и далечни држави, за турнеи…Што се однесува на мојата надградба, на постојаното усовршување, можам во секое и во мое време да одам на кус или подолг студиски престој, на семинари, на интернационални музички натпревари, па да си дојдам дома…Мене живот во странство не ми треба!

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Апостол се насмевнува, па проговорува:

-Сега мене ми е редот. Добро, јас можеби најкусо: завршувам овде средно, па одам на печалба во странство, па се враќам. Засега сум на ум кога ќе дојде право време да си направам програмерска компанија…За студии ќе видам, ќе размислам. Здравје…Значи, Канада не доаѓа предвид. Трајно дома и точка. Вие размислете и правете што ќе правите…А да, да не се заборави: засега немам намера да го оставам планинарството. Скоро ќе ги завршам подготовките за искачување на Солунска Глава, на Јакупица. Морам да ги имам нејзините  2.540 метри, од таа висина да ја видам Македонија дури до Солунскиот Залив. А и Кајмакчалан не може да ми „избега“, врвот на Ниџе само дваесетина метри понизок од Солунска Глава. После може ќе тргнам и кон Хималаите…Јас толку.

Последна Славка, која во меѓувреме принесе кафе и сокови:

-Јас не знам и не размислувам. Каде ќе решите, ќе биде за вас. Ако ви требам и натаму, ќе продолжам со вас. Ако не, ќе си го продолжам својот животец…Како било…Ќе се снајдам.

Прочитај и за ... >>  СРЦЕВИНИ НА САМОТНИ СОПАТНИЦИ, роман

Настана долг молк. Како секој да има некоја тежина во себе. Како секој да внимава да не се истрча, да не каже грешен збор. Молкот го пресекува Бисера. Очигледно нерасположена, сериозна, замислена, како обземена од грижа:

-В ред. Јасно е сè. Впрочем, не очекував друго. Знаев однапред…Значи, само јас против…Нека биде…Решено е! Продолжуваме овде, исто како пред самотничкото сопатништво…Утре летам, се надевам дека брзо ќе ги расчистам „сметките“ со компанијата и се враќам.

Му се обраќа на Пламен:

-Само едно да знаеш, Пламене мој, за да немаме допрва какви било проблеми. Јас во твојот бизнис не влегувам. Овде ќе продолжам со исто како во Монтреал.

Пламен ги крева обете раце во знак на одобрување.

До доцните ноќни часови секој со свој напор успеа да постигне добро расположение.