Потребно време за читање: 4 минути

Дирижаблот е тип на воздушен брод што го развил грофот Фердинанд фон Цепелин на почетокот од 20. век, а е базиран на поранешни нацрти на Давид Шварц. Тоа е летало полесно од воздухот, со вретенеста, издолжена форма, со сопствен погон. Повеќе е познат како цепелин.
Историја:
Првото вакво летало го направил конструкторот од српско потекло Огњеслав Костовиќ Степановиќ уште во 1888. година, но никогаш не полетало. Нејзиното конструирање го држел во тајност, но трагичен пожар го спречил да ја испроба во воздух.

Грофот Цепелин дошол на слична идеја гледајќи ја употребата на балонот во француско- пруската војна, при опсадата на Париз, иако слушнал за слична употреба во текот на американската граѓанска војна. Леталото го осмислил во 1890., врз основа на нацрт на Давид Шварц, но конструирањето започнало во 1899. Првата успешна демонстрација е извршена на 2. јуни 1900. година над Боденското езеро. Прототипот е наречен LZ1, бил долг 128 метри и имал два мотора Дајмлер од 10,6 kW.

LZ1 е првото летало користено за комерцијални летови, почнувајхќи од 1909. година. До 1914. Германското аеро-здружение извршило 1.500 воздушни летови, превезувајќи 35.000 патници без ниедна незгода. Германското воздухопловство во 1909. во вооружувањето го воведува моделот Z1, а во текот на Првата светска војна е масовно користен во извидувачки, но и борбени цели. Германската армија располагала со 78 цепелини. Некои од нив носеле товар од бомби тежок до 3 тони, ама сепак тие биле мошне чувствителни поради опасниот водород со кој биле наполнети. Десетици летови се изведени над територијата на Велика Британија во текот на кои се изфрлени тони бомби со помал воен, но значаен психолошки ефект.

По војната, во 1919. година, во Германија била отворена првата во светот редовна патничка линија со дирижабли, помеѓу Берлин и Фридрихсхафен.

Прочитај и за ... >>  Сѐ понеопходна: Web камера

Самиот Фердинанд фон Цепелин не го доживува триумфот на својата рожба, тој умира во 1917. година.

Германскиот пораз го запре развојот на овој вид на воздушен транспорт се до 1920-тите, кога се случува негова ренесанса.

Во 1924. во САД е конструиран ZR-1, првото американско летало, на 12. октомври ZR-3 „USS Los Angeles“ го изврши првиот трансатлантски лет долг 8.050 километри, кој траел 82 часа и 2 минути. 5 години подоцна дирижаблот „Гроф Цепелин“ тргнува на своето светско патешествие: за 3 недели тој поминал низ Токио, Лос Анџелес, Лејкхарст (САД) и низ Фридрихсхафен.

Во 1930-тите и леталата LZ127 Graf Zeppelin и LZ129 Hindenburg ги вршат првите трансатлантски летови.

Обидите на другите земји да и конкурираат на Германија биле неуспешни. Во 1921. година се разбива британскиот дирижабл, а истата судбина ја има и американскиот апарат. Во 1928. на пат кон Северниот пол несреќа доживува и дирижаблот Италија, изграден од познатиот Умберто Нобиле.

Трансатлантските летови на германските цепелини стануваат редовни. Според удобноста на кабините, префинетоста на кујната и квалитетот на услугата, тие им конкурираат на луксузните прекуокеански бродови.

Најпознатиот настан од историјата на овие летала е трагедијата на цепелинот Хинденбург, конструиран во 1935. година. Конструкторите сакале да го заменат опасниот водород со хелиум, но САД одбиваат да и продадат хелиум на нацистичка Германија, па затоа Хинденбург продолжува да лета со водород. 15 месеци најголемиот цепелин на светот лета помеѓу Европа и Америка.

Илјадници гледачи на пристаништето кај Лејкхарст, Њу Џерси, присуствувале на 6. мај 1937. година на пристигнувањето на воздушното летало LZ129 „Hindenburg“, долго 245 метри, кое во рок од неколку секунди се претворило во огромен летечки факел и притоа настрадале 35- мина од 97- мина патници и членови на екипажот. Причините за трагедијата не се познати. Се шпекулира дека се работи за саботажа.

Прочитај и за ... >>  20 години на WWW

Тогаш радио преносот на пристигнувањето на чудото на германското инженерско совршенство се претворил во прв медиумски спектакл на директен пренос на голема катастрофа. Тој настан ја запечати судбината на оваа гранка на воздухопловната индустрија.

Во 90-тите години на 20. век доаѓа до оживување на идејата за конструирање на цепелин. Меѓутоа, овојпат за туристички и рекламни цели. Новите летала, наречени Zeppelin NT, повеќе не се со грандиозни димензии и се многу побезбедни.

Интересно актуелно прашање: дали причина за исчезнувањето на цепелините е и во тоа оти не трошат нафта како авионите, па не му се исплатливи на нафтениот бизнис?

Катрин Боард, Американка, на служба во компанијата Airship Venture, вели дека „има најубав поглед на светот од својата канцеларија во Сан Франциско“. Величествениот поглед од 100 метри височина таа не би го менувала за ниедна друга работа на светот. А таа е пилотирање со воздушен брод. Катрин е единствена жена на светот која „кормилари“ со ваков брод- цепелин. Станува збор за NT цепелин, еден од трите модерни полуцврсти цепелини кои се направени во Германија за комерцијални патувања според нова технологија (Neue Technologie). NT цепелинот на американската компанија Airship Venture првиот лет го изврши во септември 1997. година и оттогаш се користи за туристичко разгледување на Сан Франциско. Вториот остана во Германија и служи за иста намена, додека третиот го купи јапонската компанија Nipon Airship. Таа во меѓувреме банкротира, а NT цепелинот е спуштен на една полјана и размонтиран.

Конструкцијата на овие цепелини е изработена од алуминиум со висока цврстина и мошне лесни јаглени влакна, и затоа спаѓаат во тн. „полуригидни цепелини“. На неа се монтирани 3 мотори за летање, единствена пилотска и патничка кабина во форма на висечка гондола и опаш за кормиларење. Во конфорната гондола, како во мал автобус, може да се сместат 12- мина патници, додека со цепелинот управуваат двајца пилоти. Целата конструкција е обложена со повеќеслоен специјален ламинат и се полни со 8.425 кубни метри хелиум, кој е полесен од воздухот. NT цепелинот плови со 3 клипни бензиски мотори со по 4 цилиндри lycoming IO-360, кои веќе со децении се користат во мали лесни авиони. Од трите пропелери два можат да се свртат за 120 степени, што овозможува поголема подвижност на бродот, кревање и спуштање по вертикала, стоење в место и движење наназад. Максималната брзина е 125 километри на час, но обично плови со половина брзина. NT цепелинот е поголем од боинг 747, но е потежок само околу 1.000 килограми поради материјалите од висока технологија кои се вградени во него.

Прочитај и за ... >>  За cottage industry - „електронска куќа“

Најново: наскоро на небото би можеле да летаат нови, хибридни цепелини. Ова го тврди Мајкл Стујард, извршен директор на компанијата која го дизајнира новото летало SkyLiner. Станува збор за комбинација на авион и цепелин, односно спојување на хелиумот и аеродинамиката на авионот.

Изјава за CNN:

„Нашиот цепелин, кој носи повеќе од 200 тони, со својот посебен систем на слетување може да се спушти без да има потреба од писта“.

Во меѓувреме конкурентската компанија Hybrid Air Vehicles доби договор за градење на сличен хибрид цепелин за потребите на американската компанија Northrop Grumman. Цепелинот, кој чини 517 милиони долари, е поголем од фудбалски терен и ќе им овозможи на американските сили во Авганистан набљудување од височина од 6.000 метри.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here