Потребно време за читање: 3 минути

5. Кољо и Ратка за власта и владеењето

Мојот познајник Господин тазе преженет Кољо и мојата незнајка тазе Госпоѓа Ратка на вечера на една тркалезна маса. Ратка претходно му дала на Кољо на знаење дека на таква маса многу не милува да појадува и руча, па решиле позиционерско-опозиционерскиот политички дијалог за власта и владеењето, не од филозофски, туку од кариеристичко-политикантски аспект, да го водат дури вечераат.

Прашува Кољо:

-Прво да вечераме, па после да дијалогизираме или обратно?

Прашува Ратка:

-Каков е твојот став?

Кољо:

-Не сум многу по јадењето, ама за ваков дијалог мислам дека е поарно прво да вечераме. Обратно може да се заборавиме, па да ни снема време за вечера.

Потпрашува конструктивно Ратка:

-А наспоредно да јадеме и дијалогизираме?

Предупредува искусниот Кољо:

-Од опозиционерско искуство знам, иако, ако се сеќаваш, во него нема такво нешто наметнато како политички дијалог, дека кога истовремено се јаде и се води каков годе дијалог може некој залак да запне во грлото, да не може да се голтне, па да биде потребна интервенција.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Ратка:

-В ред, се согласувам вечерата да ја оставиме за после. Прво дијалогов за власта и владеењето. Јас мислам дека без политички дијалог твојата партија како власт не може да владее. Тоа го докажа во изминатиов период!

Кољо:

-Полека, полека, Ратке, немој така наврат-нанос, од небо па в ребро! Не јазикот да ти лета пред мислата…Прво, што докажала мојата партија и јас како нејзин член? Дека не нè бидува за власт? А резултатите, а рејтингот?

Ратка малку забрзано:

-Резултатите се едно, а рејтингот сосем друго. Пример е токму мојата партија. Таа и јас како власт владеевме ептен успешно. Резултатите не можете да ги негирате, ама се согласувам дека рејтингот ни е сега катастрофален. Но за тоа постојат повеќе фактори.

Кољо пак се обидува да го забави темпото:

-Ќе се согласам само ако малку подетално ми го дефинираш политичкиот дијалог. Дали сметаш, тазе Госпоѓо Ратка, дека тој ќе ви помогне вам во однос на рејтингот, а нам во однос на владеењето?

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Ратка без многу мислење преминува на личен план:

-Не верувам дека тие работи не ти се познати, ама ај да те потсетам, позиционеру и Господин тазе преженет Кољо. Постои суштинска разлика помеѓу власта, да бидеш на власт, и владеењето односно да владееш. Ти си сега власт, ама ако ти се даде и да владееш…Твојот рејтинг е висок поради власта што ја имаш, а не поради владеењето. Мојот рејтинг е катастрофален оти не сум на власт, а според досегашното искуство…Во најмала рака ние мораме да владееме заедно. А за владеење не се добива повисок рејтинг.

Кољо:

-Малку си ми небулозна, Ратке, ама ај да ти го прифатам тоа. Но што е со политичкиов дијалог?

Ратка како да го дочекува на нож:

-Е, во тоа е финтата на политиката како вештина! Всушност, политичкиот дијалог значи заедничко владеење. Бидејќи ти мислиш дека со него ти се загрозува власта, тој стана проблем дури и на меѓународен план.

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Господинот тазе преженет Кољо се замислува длабоко. Му се наметнува како добра споредба кохабитацијата како интересно и перспективно демократско пазарно-капиталистичко решение на надминување на судири помеѓу две глави што треба да ја делат извршната односно конкретната власт. Проценува дека му треба време за преземање на политичкиот дијалог со тазе Госпоѓата Ратка во свои раце. Затоа предлага да вечераат и како такви, вечерани, евентуално да продолжат.

Меѓутоа, Госпоѓата Ратка, како искусна и стара пратеничка во Парламентот, за разлика од младите од партијата на Господин Кољо, веднаш ја чита и разбира тактиката. Ад хок одбива да вечера, исто како што претходно одби да појадува и руча.

Поради неможноста да го продолжат политичкиот дијалог, а имајќи го предвид разјаснувањето на нештата во врска со него, односно со власта и владеењето, Кољо и Ратка остануваат гладни. Се договораат следниот пат, се разбира единствено во интерес на народот и државата, политичкиот дијалог да го почнат најадени, поточно сити.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here