Потребно време за читање: 3 минути

12. Леле мајко, пак си купил книги!

Сцена:

Дневна соба со недефиниран (мешан) стил на мебелот, составен од мало правоаголно масиче на средината, поставено на црвена јамболија (послана на паркетот); тросед и двосед поставени во Г; фотелја наспроти голем телевизор 70 см х 50 см (околу), со рамен екран; лево прозорци покриени со бели чипкани завеси (цвеќе помеѓу машки и женски ликови).

Дејствие:

Добринка гледа на телевизија (повеќе слуша) турбо фолк пејачка. Во собата влетува Добре со книги под мишките (по 5-6 под двете).

Добринка (го сече со погледот и триесетина секунди ја мести устата за викање со плачен глас):

Леле мајко, пак си купил книги! Па ти не си при умот, па ти си се шекнал, Добре мој, синко свекрвин.

Добре:

Чекај Добринке, полека, воздржи се, не паѓај во несвест. Да ти објаснам….

Добринка (го сече во зборот):

Нема што ти да ми објаснуваш. Сè ми е јасно, како бел ден ми е јасно. Пак си купил книги и готово!

Добре:

Точно, сум купил книги и готово, ама да ти објаснам. Книгата е најверниот пријател, најголемиот другар…

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Добринка (пак го сече):

Пак иста песна. До кога, бре Добре, синко свекрвин? До кога? Најдобриот другар?! Зар не знаеш ти колку е скапа книгата?

Добре:

Знам, знам. Како да не знам кога платив? Ама да знаеш, има и од евтини поевтини…

Добринка (продолжува да го сече во зборот):

Платен да останеш! Ние одвај за леб имаме, а ти ни две ни три-книги! Колку плати, те молам? Ај кажи ми го уште тоа, па да се онесвестам.

Добре (со уплашен, растреперен глас):

Добро, платив…ова… Книгата е како леб насушен, Добринке моја златна. Кој не чита книги, тој нема врска. Заостанат е, некултурен, неначитан…

Добринка:

И гладен! Ајде, да ти го слушнам извештајот. Колку пари фрли?

Добре:

Добро де, фрлив….ова…сè што имав. До денар!

Добринка (почнува да покажува знаци на онесвестување):

Сè што имаше, а? Блазе си ти. Фрли сè што имаш, а јас ништо немам. И? Што ќе правиме сега? Што до крајот на месецов? Што ќе јадеме? Шипинки?

Добре (оптимистички, со широка насмевка):

Не бери гајле Добринке, ќе се снајдеме некако. И шипинки ќе јадеме ако треба. Ќе позајмиме, па ќе вратиме. Од роднини, пријатели…

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Добринка (веќе не покажува знаци на онесвестување, туку на сè поголем бес):

Со кој образ, бре Добре? Со кое лице ќе позајмиш? Ваму книги купуваш, а таму за јадење позајмуваш. Кај ти е совеста?… Не, не си при умот, не си!

Добре (конечно почнува да се лути, полека го крева гласот):

Е сега претеруваш, Добринке моја златна. Ти немаш поим колку масовно народот купува книги. Сè по глава на жител. А од каде им пари за нив? Шипинки пари. И тие се исто како нас…Книгата е богатство, драга моја. Не се троши, не се јаде, вечно трае. А храната? Ќе ја изедеш, и? И што? Ништо. Немаш ништо.

Добринка (со смирен глас, малку подисплашен):

Можеш ли ти на гладно срце да читаш, те молам? Ај кажи ми, дали можеш? Не можеш. Ништо во умот нема да ти влезе бе, ништо.

Добре (сосема смирено, спокојно, дури тивко, уште малку па со шепот):

Зависи што читаш. Ти и не виде какви книги сум купил. Кога ќе видиш…

Прочитај и за ... >>  ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Добринка (во ист тон како претходно):

Кога ќе видам, ќе се онесвестам. Немам друго чаре. Морам да се онесвестам.

Добре (веќе со тажно лице и по малку беспомошен глас):

Мораш? Па сега… Види вака. Сè луксузни изданија: „Експрес готвач“, „Домашен готвач“, „Странски готвач“, „Рецепти за сто богати вечери“, „Од појадок до вечера-специјалитети од сите меридијани“…Да редам уште?

Добринка:

Не, не! Доста ми е! Ме утеши, нема што. Паѓам!

Добре (со храбар, збеснат глас и строг поглед):

Е па, падни! Ќе паднеш и ќе станеш. И стандардот ни паѓа, па никому ништо. Како што ни паѓа, така и ќе ни стане… А книгата, Добринке моја златна… Книгата ти е најверниот пријател, најдобриот другар. Книгата…таа ти е… ова… како да речам… Книгата…да готвиш, да јадеш, да се најадеш…да станеш домаќинка… Книгата…

Завесата наеднаш паѓа, се гаси светлото, публиката не може да ја види ниту сцената, ниту да се виви себеси за миг. Потоа светлата на страничните ѕидови од театарската сала се палат и таа може да излезе надвор.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here