Потребно време за читање: 4 минути

37. Веселост и здравје

Со стариот Крсто, еден од тројцата живи меѓу мртви селани од дамнина до денес во Роденово, планинско село близу до река, клисура и пештера, меѓу ридје и плодни ниви, со часови седев под ведро ноќно небо, крај оган во огништето на неговата куќарка од камен, ќерпич и сламен покрив. Другите двајца, Стојмир и Стојмирица се на другиот крај од селото, на почетокот од клисурата. За себе рече дека има деведесет и три, а Стојмир и Стојмирица се четири и три години постари од него. Тие се веќе без снага, обајцата легнати на смртна постела, па тој ги подгледува и им носи понешто за каснување, колку да не умрат од глад. Роденово е село со дваесетина куќарки и куќи, сите трошни, запустени, со години без жива душа. Се најдов во него на поминување, упатен кон планината Гора за која разбрав дека сè што расте во неа е здраво и лековито. Тој секако знаеше за неа и за тоа, иако не се догледува од ридјето околу, а и никогаш во животот не ја искачил.

Многу ми изнакажа стариот Крсто, за сè и сешто. Просто не можев да го запрам во кажувањето, да го потпрашам нешто. Сигурно одамна, може со години не наишол никој со кого би се исприкажал. Признавам, најмногу ме погодија неговите думи за веселоста и здравјето. Ќе му ги паметам дури сум жив.

Ми го изнакажа ова за нив:

„Запустувањето на селово и гаснењето на животот во него започнаа кога ја снема веселоста на животот, здравјето на луѓето им стануваше сè покревко, а самостите и умирачките станаа сè почести. Сите тие заедно со заминувањето на младите, но и на луѓе во години на јабана. Од ден на ден сè повеќе. Неговото скорашно умирање, за година-две и јас и Стојмир и Стојмирица ќе заминеме на оној свет, ќе значи дека најнакрај Роденово било ама веќе не е.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Имам многу за кажување за веселоста и здравјето, со рекава што ја викаме Бистра, со клисурана Дерман и пештерана Студна; крај нив, без нив, со години, а знам од стари пред мене и со векови. И едното и другото деноноќни, неизмерни. Знаеш од кај идеа најмногу? Од доволноста на она што се имаше, од немислење за она што се нема, па и што треба, од рамновесие меѓу нивите, полињата шумите и Роденовци, од семејната и заедничката живеачка и од меѓусебната грижа и почитание на рожбите, блиските и далечните.

Еве по ред:

Доволноста и немислењето за она што се нема и треба ги прават луѓето слободни меѓусебно, да го покажуваат човечкото во себе, постојано да го богатат својот светоглед учејќи од сè што е околу нив и постојано да го докажуваат својот опит. Притоа, доволноста ја насочува љубопитноста кон она што може да биде корисно и употребливо, а немислењето за она што се нема и треба им помага како на веселоста, така на здравјето како недавање на завидливоста да го подјадува самото постоење на овој свет.

Рамновесието меѓу природата и Роденовци беше многу важно за секидневниот живот, та затоа се откриваше и учеше уште од проодување. Дека природата знае колку точно му треба на човек, па толку му дава во секое годишно доба. Ако, пак, тој ѝ зема повеќе таа ја губи веселоста, жизненоста, едновремено се разболува. Потоа долго и тешко оздравува, а богами може никогаш да не оздрави. Е, бидејќи од година на година, од едно до друго годишно доба постојано се нарушуваше рамновесието меѓу неа и Роденовци, со време веселоста и здравјето беа поразени од жалоста сосе секирацијата, па Роденовци се запустуваа, се сушеа, пресушуваа и еве нè сега само мене, Стојмир и Стојмирица.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Семејната и заедничката живеачка се еднакво важни како доволноста и немислењето за она што се нема и треба. Според мене, неретко тие се поважни од нив. Според она што се случи со животот во селово, јас можам да истурам голема горчина од себе зашто сите ние, и стари и млади, дозволивме токму нив да ги сотреме, до корен да ги уништиме. Неповратно. И едната и другата полека, ама како неминовно ги уривавме. Се делевме едни од други прво во една куќа со голем двор, после во неа станувавме одвишни, сè понепотребни едни на други, па ај во две, во три куќи. Па огради во дворот сè повисоки и подебели. Потоа станувавме сè подалечни едни од други, а кога доаѓавме на крајните, на меѓите, едни отидоа јабана, други како да исчезнуваа прекуноќ, трети фатија свои патишта…Беше предоцна за што било кога согледавме дека никој не може без макар понекој миг заедничка живеачка со друг. Прво со ближни, после со пријатели и познајници, па барем со понекој пријател, може само познајник. И знаеш што најмногу нè удри, ни ги пресече веселоста и здравјето? Самоста. И тоа од раѓање до смрт, пријателе. Која почна забрзано да ги гасне огновите во домашните огништа.

Од самоста што навали врз семејната и заедничката живеачка тргна заборавањето, ќе речам унижувањето на меѓусебната грижа и почитание на рожбите, блиските и далечните. Почна прво секој да се грижи сам за себе и за своето здравје, зашто веселоста едноставно ја снема, а после сè помалу се имаше почитание на годините и опитноста од страна на младите, и на различните желби, потреби и напредувања на младите од страна на старите. Прво никакво почитание на ближните во години, па сè поголема сожалба и непреземање на никаква обврска, а после запустување на изворите и плодородноста на земјата, без кои не е можен ничиј опстој.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

И така, ден по ден, ноќ по ноќ, станувавме сè опомалу на број, куќиве ги запустувавме, земјава ја покриваше секаков плевел и секакви диви и секакви отровни треви, и еве нè сега во Роденово само јас: сè поснеможен Крсто, веќе со тешки и мачни деведесет и три години, и Стојмир и Стојмирица, веќе без снага, обајцата легнати на смртна постела. Роденово со куќарки и куќи со години без жива душа“.

Крсто замолче, а по некоја минута успеав од него да го извлечам уште ова за него и неговите предци:

„Горе, на гробиштана има два мои гроба еден до друг. Во едниот се коските на сите мои предци. Кои? На мајка ми Бојана од Ванковци и татко ми Климе од Доре. Јас сум им син единец. Потоа на баба ми Петра од Стојановци и дедо ми Тоде од Крстан, на прабаба ми Велика од Горановци и прадедо ми Љубен од Живко. Не знам, може и на мои предци пред нив. Другиот гроб е празен. Сам го ископав, го отворив. За мене е. Белки ќе се најде некој да ме закопа во него“.

Да не го имав фатено својот пат и да можев ќе заживеев во Роденово. Барем до смртите на Крсто, Стојмир и Стојмирица. Јас ќе ги закопав во нивните гробови. Нема врска што во него и во нив одамна нема ни веселост ни здравје.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here