Потребно време за читање: 3 минути

22. Дело

Многу жалам дека долго го запознавав, откривав и согледував нејзиното велико дело, а неа не ја ни запознав. Велико? Да, несомнено! Не само за мене и за круг на нејзини почитувачи, туку за секој што се соочил со него. Зошто не ја запознав? Просто затоа што никогаш не беше меѓу љубители и вреднувачи на ликовната уметност. Каде било, ниту со, пред, зад или покрај своето дело. Дело или дела? Најточно: дело создадено од многу мали и големи. Зошто не ја побарав за да ја запознам? Ме мачи тоа прашање, но не можам да си одговорам.

Нејзиното дело создадено односно компонирано од многу мали и големи почнав да го запознавам од пред веќе не знам колку години. Одамна, од пред повеќе од десет-петнаеасет. Прво случајно го открив на една групна изложба во Салонот на модерната уметност. Беа тоа две минијатурни масла помеѓу две големи на двајца веќе познати, докажани сликари. Потписот во десниот долен агол беш нечитлив, па го прашав организаторот, еден од најавторитетните критичари. Ми одговори дека не знае, минјатурите ги добил по пошта без името на испраќачот, а ја вклучил во изложбата оти ги смета за мошне вредни и му се чини дека се дел од некое поголемо дело. Се надевал дека авторот ќе дојде да си ги види, ќе му се претстави, но досега не го сторил тоа. Се согласив со неговото мислење дека се дел од поголемо дело, но му забележав дека некако се губат поставени меѓу двете големи масла на двајцата познати сликари. Не сакав да спорам, дека не сум темелен познавач на ликовната уметност, па го премолчев неговиот став како да се согласувам: напротив, токму помеѓу нив се забележуваат, го привлекуваат вниманието.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази, ескизи

Стануваше збор за две минијатурни масла во рамки, со димензии дваесет со триесет сантиметри, на кои беа насликани два извора со доминантни сина и црвена боја, кои извираат од подножје на каменита планина со неколку мали и големи црни отвори на пештери. Тие очигледно беа мошне важни, а јас ги согледав како почетоци на нечија судбина, можеби на несподелена љубов.

Се разбира дека години по таа првична средба со делото се обидував на секаков начин да ја сретнам, да ја запознам, се обидувам до ден-денес. Како тоа знам дека станува збор за сликарка, а не за сликар? Знам според изразот и содржината на делото кое на чуден начин ми се откриваше потоа, како да ми се отвори и не престанува да се отвора.

А ми се откриваше постапно, да речам чекор по чекор. Со по едно, две, неколку дела како негови делови, а пред некој ден целосно. На нејзина, авторска изложба.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Побрзав да ја посетам. Најпрвин да се уверам дека е нејзина, пред сè затоа што беше најавена како од анонимна сликарка, а со надеж дека конечно ќе ја запознам. Сега е сосем неразбирливо и невозможно да не се појави, па и да не се претстави. Постојано наоѓав причини зошто досега не се откриваше, најмногу дека делото сè уште не го завршила, но веќе не сакав да наоѓам. Едноставно, сметам дека ниедно дело не може без својот творец, особено во овие модерни времиња во кои индивидуалноста е суштествена за животворноста.

Дванаесет масла едни до други, со различни големини беа составни „елементи“ на големото дело на анонимната сликарка: земја на чисто небо што дише, со маж, жена, две мали машки и три женски деца во безгрижна игра. Насекаде расфрлани букви и слогови кои се збираат ту во зборови со значаење, ту во зборови алогични и меѓузависни.

Додека ги гледав еден по еден „елементите“ долго и сосредоточено, забележав на два-три чекори зад мене како да ме следи една средовечна дама во долг црвен фустан, сини чевли и голема сина шапка на глава. Очекував да ми се доближи и да ми се обрати. Застана до мене, ме гледаше втренчено неколку мига, па со насмевка ме праша:

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

-Ви се допаѓа делово?

Го втренчив погледот во неа, ѝ се насмеав и ѝ одговорив:

-Го следам неговото создавање од првите „елементи“-две минијатурни масла. Сигурен сум дека авторот е сликарка. Да не ја познавате?…Да не сте вие?

Се насмеа гласно и одговори зачудено:

-Јас?! Ви личам на неа?

Ја допрашав:

-Ми личите на сликарка. Може не сте авторката на делово, ама секако имате врска со неа.

Одговори сериозно:

-Не, не сум. Јас сум ликовен критичар. Ни јас не ја познавам. Не разбирам зошто сака да остане анонимна. Можев да разберам додека не беше завршено, ама сега…

Очигледно ја изненадив:

-Чувствувам дека е овде. Со нас е. Можеби е меѓу нас.

Се замисли, па рече:

-Мислите пред нас? Имате право.

Продолжив да го гледам сосредоточено „текот“ на делото. Последното масло, последниот „елемент“ исто како другите во рамка, со големина петнаесет по триесет сантиметри, беше едновремено почеток на ново: изгрев и залез во темни бои, со доминантни црвено-жолта и модро-сина, а во заднина сенки од луѓе без луѓе.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here