Потребно време за читање: 2 минути

36. Доволноста

Бев учесник на трибина посветена на модерната живеачка со акцент на доволноста. Подолго време да речам политички и филозофски се занимавам со оваа проблематика, па ми беше просто незамисливо таа да се одржи без мене. Особено кога разбрав дека ќе учествуваат млади видни слободоумни, неазависни личности и творци. Признавам, повеќето од нив не ги познавав, за некои не бев ни чул, но баш тоа ми беше предизвик повеќе да се најдам меѓу нив.

Расправата траеше цели три ипол часа, а сè што беше речено, проблематизирано, анализирано, синтетизирано и застапено можам да го сведам на следново стојалиште:

Модерната живеачка е логички продолжеток на животот до вчера. Или дел од неговиот континуум. Бидејќи модерното го докажува современото односно сегашното, се живее модерно онаму каде што сегашноста е согледана како постоење кое има смисла и содржина. Проблемот на секој што се стреми кон сè повеќе е токму во доволноста наспроти нужноста, стандардот и имаштијата. Имено, доволноста наспроти нужноста е секогаш нелагодна, стандардот постојано ги поместува неговите граници нанапред оправдувајќи го тоа со напредокот на квалитетот на животот, а имаштијата ја поставува во состојба на илузија. Треба да се има предвид и дека е различно нивото на доволност како живеење, а не како живуркање односно преживување. Некои ја истакнуваат суштинската разлика помеѓу материјалното и духовното, но јас ја истакнувам потребата од нивна рамномерност и меѓусебно надополнување. Според мене, најголем проблем на доволноста во модерната живеачка како докажана современост е погубното влијание на потрошувачкиот менталитет.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Јас имав интересен и мислам мошне плодотворен дијалог со една убава девојка, Илина Грабеска, која ми се претстави како дипломиран филозоф и поетеса која наскоро ќе ја објави својата прва стихозбирка.

Ме праша:

-Не мислите дека доволноста не го движи светот напред? И индивидуалната и колективната?

Ѝ одговорив:

-Не мислам. Особено не материјалната. За духовноста би се согласил дека доволноста може дури и да биде нејзин кочничар. Јас сум голем противник на потрошувачкото општество и потрошувачкиот менталитет. Мислам дека се разорни и за индивидуата и за колективот.

Таа:

-Но е невозможно тие да се превозмогнат.

Јас:

-Не знам, можеби, но опитноста и доживеаното ме научија дека задоволството од доволноста е големо и тоа го прави животот спокоен, ведар и радосен.

Ме допраша:

-А љубовта? Доволноста и во неа?

Ме подзамисли, но успеав да ѝ одговорам убедливо:

-Доволноста е лична, а љубовта не е љубов ако е безлична.

Ми се насмевна милно. Како да се познаваме одамна.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here