Потребно време за читање: 3 минути

38. Скраја

„Јас сум скраја од сè што се прави и што се случува. Најпрвин од сè што прави власта за себе, за свое лично богатење и против народот, потоа од она што го прават и расипуваат туѓини однатре и однадвор, па од секидневностите што го банализираат, маргинализираат и обезвреднуваат животецот, а најсетне скраја од луѓе кои одат по туѓи патишта, всушност лунѕаат оти немаат свои.

Запомни го ова од мене, пријателе: не е лесно да си скраја од сè што наведов, практично од сè. Но, притоа во самота да не ѝ се предадеш на осаменоста, да не се изолираш од светот и како што велиме да ѝ се препуштиш на судбината. Тоа значи да воспоставиш рамновесие помеѓу сопственото постоење, природата и колективната живеачка. На што мислам конкретно?

Конкретно мислам на измачувањето на умот со мислење зошто е сè како што е и зошто не може да биде како што треба. Велам измачување зашто е кога со немирење, со личен ангажман и со влијание дека си личност. Мислиш зошто е, знаеш како треба несомнено и неминовно, ама си скраја откога конечно сфати дека ништо не зависи од тебе, кога не само што други сè решаваат наместо тебе, туку ти како за други да не постоиш. Не си на влијателна позиција, што дека си јавна личност, никого не го интересира она што си го создал и го создаваш. Дури свесно прават сè ни случајно да не се најдат на твојот пат.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази

Скраја од природата? Не го велам тоа. Напротив, го нагласив рамновесието помеѓу моето постоење и неа. Човек не може и да сака да биде скраја. Зошто би? Но има друго! Јас сум скраја од она што ѝ се прави на природата. Просто не сакам да учествувам во нејзиното сквернавење, во силувањето од страна на наводната човечка цивилизација. Велам наводна зашто не е, а е примитивна, простачка, провинциска, некултурна, бессовесна, дивјачка, бандитска, одродничка орда. И не е тоа од вчера. Скраја сум по долга лична борба, спротивставување, секакви обиди да спречам, да подзапрам, да оневозможам.

И третиот „дел“ од рамновесието-колективната живеачка. Пријателе, скраја сум од неа зашто ја нема сè повеќе и веќе за многумина не значи ама баш ништо. Мислам прво на семејната, а потоа на сите други. Скраја сум зашто едновремено се унижува и обессилува, губи какво било значење и влијание. Сведена е само на личен интерес од неа. Веројатно си збунет, не ти е јасно, се прашуваш како тоа сум скраја од неа, а од друга страна сум воспоставил рамновесие помеѓу неа, моето постоење и природата. Многу просто: од ден на ден за неа и во неа сум сè помалку потребен, веројатно скоро сосем непотребен, па сè додека сум дел од која било ќе бидам скраја“.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Засега не знам кој ми ја напишал оваа порака, ништо не ми значи потписот „Досега бев“, но секако ќе откријам. Не прифаќам некој од моите пријатели да биде скраја од сè. Не прифаќам кој било од нив самостојно и ненајавено, би рекол дури неодговорно да донесе таква одлука.

Да се биде скраја од сè за мене значи едно од две: самоодбрана или немоќ односно разочараност од досегашниот активизам. И двете никогаш досега не сум ги прифаќал и не ги прифаќам кога е збор за скраја. Се разбира, и јас сум имал моменти, па и периоди кога ме обземал дефетизам, лично премислување и преиспитување, но не сум ни помислил да бидам скраја. Што, пак, на крајот на краиштата се сведува на кревање раце.

Дали се сомневам во некого од моите пријатели? Не, ама помислувам на Сретен Деспотоски кого подолго време не го гледам и не го слушам. Како во земја да пропаднал човекот. А беше слушан и гледан, би рекол и мошне влијателен на поолитичката сцена. Добро, човекот е во години, можеби снеможел, можеби е болен, но проверив-не му се јавил никому од моите пријатели.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Не знам дали треба, но еве ги нагласам бидејќи ги сметам за суштествени за пријателството: постојана комуникација и споделувања на време, мисли, прашања, проблеми, дилеми, сомнежи и заедничко дејствување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here