Потребно време за читање: 2 минути

5. Мудар

-Сѐ се менува во животот, а ние постојано настојуваме нешто во него да сочуваме како неменливост, постојаност, како константа на нашето постоење.

Го рече тоа како да му е одамна домислено, со ист израз на лицето како кога кажува за што било или што е.

-Ова ти е од опитност?-го прашувам.

-Најмногу од секого сѐ речено-доречено е од опитност. Јас го заклучив тоа обидувајќи се да ја разберам динамиката на денешната живеачка. На која, признавам, тешко ми е да се прилагодам.

Толку секогаш од него во рано утро. Ме чека само мене да го забележам, да не минам крај него како да го нема на Булеварот на слободоумноста, пред споменикот „Грамаден човек“-гол маж со напнато, мускулесто тело, изделкан во црна стена. Секогаш ме пречекува со ведра насмевка и исправен како воопшто да не му тежат осумдесетте и некоја година. (Не ми паднало на ум да го прашам колку точно изживеал.)

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази

-А успеваме ли да го сочуваме тоа нешто?-го допрашувам.

-За жал не или одвај.

-Па што?

Се изненади. Ме загледа замислено и по некое време на молчење одговори:

-Во право си. Па никому ништо.

Пред некој ден ми кажа нешто што ме замисли и сѐ уште ме замислува.

-Често слушам за обични луѓе. Има такви? Зошто обични?

Се обидов да му одговорам:

-Се мисли на луѓе чија положба е незабележителна, маргинална, да не речам неважна, чија позиција во животот, работата, творењето и дејствувањето е безначајна.

-А каква е таа положба односно позиција?-беше настојчив.

-Реков незабележителна, маргинална, неважна, безначајна.

И се доискажав:

-Во однос на друга и на други.

Како секогаш кога решава да ја заврши нашата утринска средба, ме загледа замислено и по некое време на молчење одговори:

-Не кажуваш според кои критериуми. Јас мислам, а ти не мора да се согласиш, дека човек сам, без ничија припомош си ја одредува својата позиција и таа е различна во конкретни ситуации. Но нема никаква врска со обичноста и необичноста. Јас и ти сме обични луѓе затоа што те научив како човек непосреден, простосрдечен, човечен. И затоа што ме научи како човек со кого можеш да споделиш некој миг од секое рано утро. Затоа што на обајцата не ни значат ништо годините што сме ги изживеале досега.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Се радувам оти во секое рано утро ме чека мене да го забележам, да не минам крај него како да го нема на Булеварот на слободоумноста, пред споменикот „Грамаден човек“. Просто се навикнав на неговата ведра насмевка и исправеност како воопшто да не му тежат осумдесетте и некоја година.

Некогаш се прашувам каков би бил почетокот на мојот нов ден ако попрво од сите не го сретнам во рано утро. Се разбира дека секој може без секого, особено кога разликата во години е голема. Ама некој како јас без него…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here