Потребно време за читање: 3 минути

3. Преселни птици

На покривот од керамиди, на лимениот оџак и под стреата на куќата на Војне Филиповски утрово се собраа преуморни секакви птици преселни. Не е првпат, тоа вообичаено се случува поради промени во нивниот и неговиот живот сосе промените во природата, најпрвин временските и сезонските, траењето на денот и ноќта, а секако предизвикани и од опстанокот, иднината на потомството со оглед на личните и колективните можности и потреби.

Есен е, деновите и ноќите се сѐ постудени. Куќата на Војне е на место на кое се вкрстуваат север и југ. Значи, преселниве птици се собраа по вторпат годинава, пред заминување. Првиот пат, како секоја година откога почнува будењето на природата, во рана пролет. Се собраа во групи разделени меѓусебно, како што летале во јата, како што прелетувале планини, реки, езера, мориња, океани, крајбрежја.

Некако најблиски му се ластовиците. Просто му го разубавуваат денот од рани зори до квечер со своите игри во воздухот и гнездењето, при што црцорат, се довикуваат и се поттикнуваат меѓусебно да не ги прекинат без оглед на очигледниот умор од долгиот лет. А највидлива, најизразита премаленост му е онаа на ширококрилните птици. Од нив најпрвин на штрковите на лимениот оџак. Знае дека при преселбите ги користат патеките на воздухот загреан од Сонцето, иако од ден на ден тоа е сѐ позабесто, но секако таа е и поради несонот при ноќен лет.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Забележа нешто што го загрижи и растажи: некои што со години на ред идеа над неговата куќа, на нејзиниот оџак, покрив и под нејзината стреа, на кои добро им ги запозна видот и родот, на некои им стана голем пријател, несебично им помагаше добро да се одморат, да ги обноват силите за натамошното преселување, дури да им ја утоли гладта и да им ја изгасне жедта-ги немаше. Едноставно, овојпат не долетаа. Што им се случило?! Да не се растуриле во меѓувреме, при долгото летање? Ги напуштиле живеалиштата и се населиле во нови, на кои успеале да им се прилагодат?

Разговараше со неколкумина пријатели на кои им е прилично познато преселништвото на птиците. Тие најмногу ја потенцираат условеноста од промената во траењето на денот, промената на дневната и ноќната температура пред да почнат физиолошките и психо-физичките промени, а се нарекува преселничка загриженост. Преселништвото како комплексен проблем сѐ почесто станува клучен за младите популации во однос на растурањето на рожбата и зачувувањето на врските со семејната заедница. Некои потенцираат дека тоа сѐ повеќе се поврзува со младенчињата на птиците, а особено е загрижувачко губењето на смислата, значењето, па и содржината на вкоренувањето на личниот и заедничкиот опстој. Многумина од нив се обидуваат, но никако не успеваат да се вратат во местата кај што израснале. Па стануваат скитници преселници кои ги одвева ветрот незнајно каде.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Војне Филиповски е и весел и тажен, и радосен и жалосен оти на покривот од керамиди, на лимениот оџак и под стреата на неговата куќа утрово има навистина многу и секакви птици преселни. Преуморни, премалени, ама живи и решителни по некое време да го продолжат преселничкото враќање. Му иде до квечер да им се придружи на ластовиците, да заигра заедно со нив во воздухот и да им помогне во гнездењето.

Размислува, речиси е решен да им се придружи. Да се сроди со некое јато и со него да полета преселнички. Некако најблиски му се штрковите на лимениот оџак. Особено затоа што најмногу ги користат патеките на воздухот загреан од Сонцето. Ќе полета заедно со нив дури не стане сосем забесто. И со нивна помош ќе се врати во рана пролет, на почетокот од будењето на природата. Пред тие да го продолжат преселничкиот лет. Откога заедно со другите птици ќе соберат сили на покривот, на оџакот, под стреата на неговата куќа.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here