Потребно време за читање: 2 минути

40. Наспроти празнотија

Со Сирма Карасевдова, моја пријателка уште од детството, спрема чија убавина признавам дека имам слабост, често разговараме за животот како живот, за суштината и содржината на полнотата на животот, за секидневноста како негова минливост. Само еднаш споделивме мислења и ставови за неговата празнотија. Всушност наспроти неа, зашто обајцата се согласивме дека може да биде кај секого и од секого, но не смее да трае долго. Не треба само да ѝ се опираме, туку колку може побрзо да ја надминеме.

Таа:

-Празнотијата во мене, Методија Самоников, е најболна, најнеснослива по загуба на најближен. Па уште на двајца…

Јас:

-Рзбрав за сообраќајката во која загинале татко ти и мајка ти, мила пријателке. Прими го моето сочувство…Се согласувам со тебе за празнотијата. Најболна е, најнеснослива е, а трае најдолго. Но, и таа се надминува. Како секоја друга. Во името на полнотата на животот.

Сирма Карасевдова плачеше молчешкум, ги голташе солзи што се слеваа низ нејзините образи. Потоа ги избриша, воздивна длабоко, па продолжи:

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

-Ќе ја надминам со време, ама борбата со неа е полесна ако те крепи некој што го сакаш, на кого се потпираш во животот.

Јас:

-Белки не си сама.

Таа:

-Со тебе не сум, мил пријателе. Секогаш си со мене или близу до мене. Ти благодарам.

Се замисли, јас молчев додека не продолжи:

-Полнотата на животот наспроти празнотијата во него. Во него неа ја има секогаш, а кога ќе ја надминеме се притајува до следната. Не ѝ пречи што с трудиме да не ѝ обрнуваме внимание. Најголем проблем е кога животот не се живее, туку се живурка.

Ја поддржувам продолжувајќи ѝ ја мислата:

-А тоа најнапред зависи од нас самите. Од други и од друго во онаа мера во која сме зависни. На пример од парите, од материјалното богатство, од правењето кариера, од неизбалансираноста помеѓу потребите и можностите.

Ѝ го поставив круцијалното прашање:

-Како сега живееш, Сирма Карасевдова?

Таа со горчина во гласот:

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

-Живуркам, Методија Самоников. Помеѓу празнотијата и полнотијата на животот.

Квечерта беше студена, а на шеталиштето на кејот во наша близина немаше никој. Ја слушавме тишината меѓу нашите чекори. Застанавме еден спроти други, неколку мига се гледавме право в очи и јас одлучив:

-Може да ти предложам нешто? Мислам дека на обајцата ни е неопходно и ќе прифатиш.

Се поднасмеа и одговори:

-Да слушнам.

Јас:

-Отсега па до кое било време да бидеме постојано заедно. Ниту за миг ни јас ни ти да не бидеме сами со себе и во себе.

Се насмеа:

-Ти ми предлагаш…?

Речиси воскликнав:

-Ти предлагам заедно да ја живееме полнотата на животот наспроти празнотиите во него. Сигурен сум дека ќе бидат сè помали и помали и сè понадминливи. И твојата најголема заедно побрзо ќе ја надминеме.

Се прегрнавме и долго стоевме во место. Потоа прегрнати продолживме кон моето живеалиште.

Признавам дека убавината на Сирма Карасевдова и нејзиниот карактер ми се најголема поткрепа кога се фаќам во костец со минливоста како секидневност на полнотата на животот. Особено наспроти празнотијата. Таа, пак, пред никого не се воздржува да нагласи дека не може без мене и не можеме еден без друг.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here